Каматната стапка на благајничките записи останува на нивото од 6,30%, а каматните стапки на депозитите преку ноќ и на 7 дена на нивоата од 4,20% односно 4,25%, соопшти Народна банка.
Оценка на НБ е дека е потребна натамошна претпазливост при водењето на монетарната политика.
„Главниот акцент при носењето на одлуката за задржување на тековната поставеност на монетарната политика беше ставен на потребата од стабилизирање на инфлацијата и инфлациските очекувања на потрајна основа“, се наведува во соопштението.
Банката оценува дека инфлацијата која за мај изнесува 4,5% на годишно ниво не отстапува од патеката на движење предвидена во рамките на пролетните проекции на Народната банка. Според овие проекции, за целата 2024 година се очекува просечна инфлација од 3,5%.
Во однос на цените на примарните производи на берзите, според НБ, најновите прогнози се ревидирани умерено нагоре, односно се очекува нивен помал пад оваа година, а нестабилниот геополитички контекст и натаму создава неизвесност и нагорни ризици за следниот период.
Банката оценува дека состојбата на девизниот пазар е стабилна и движењата се поволни.
„ Нивото на девизните резерви на крајот на мај изнесува 4.293,6 милиони евра, што е соодветно за задржување на стабилноста на курсот на домашната валута. Движењата на девизниот пазар и натаму се поволни и придонесуваат за интервенции со нето-откуп на девизи од страна на Народната банка од почетокот на годината, при солиден прилив на девизи и на менувачкиот пазар. Во однос на последните расположливи податоци од надворешниот сектор, трговскиот дефицит во април 2024 година е во согласност со очекувањата од априлскиот циклус проекции. Остварувањата на менувачкиот пазар во вториот квартал, заклучно со втората декада од мај засега се близу до проектираните нето-приливи од приватните трансфери“.
Економскиот раст во првиот квартал на 2024 година малку забрза, во согласност со проекциите на Народната банка, но поумерено од очекувањата, а во монетарниот сектор, според првичните податоците за мај 2024 година, депозитниот потенцијал на банките и натаму расте, слично на очекувањата, при малку посилен кредитен раст од проектираниот.
„Општо земено, најновите остварувања кај макроекономските показатели засега се близу до очекувањата од последните проекции, но условите за водење на монетарната политика и натаму се неизвесни. Потребно е натамошно внимателно следење на динамиката и факторите кај инфлацијата, како и претпазливост во однос на водењето на макроекономските политики коишто влијаат врз побарувачката во економијата, вклучително и на пазарот на трудот“, се вели во соопштението на Народната банка.