Летото календарски сѐ уште не е почнато, но веќе се соочуваме со многу високи температури на воздухот кои се натпросечни за овој период од годината. Денеска и утре во најтоплите предели од Македонија се очекува максимумот на температурата да достигне до 41 степен. Граѓаните веќе се прашуваат какво лето нѐ очекува.
Во Македонија највисока максимална температура на воздухот е измерена во Демир Капија од 45,7 степени Целзиусови на 24 јули 2007 година, а во Скопје највисоката измерена температура била 43,4 степени. Дали ова лето ќе бидат соборени овие рекорди? Одговори на овие прашања побаравме од метеопрогнозерот Славчо Попоски, како и од Управата за хидрометеоролошки работи.
– Според податоците кои ги имаме не значи дека пред нас е екстремно топло лето. Напротив, според долгорочните прогнози со кои располагаме ќе имаме нормално топло лето, што значи дека нѐ очекуваме некои долготрајни топлотни бранови. Секако топлотните бранови ќе ги има и тие ќе условуваат многу високи температури на воздухот, но ќе траат пократко за разлика од изминатите години – вели Попоски за Плусинфо.
Тој истакнува дека тука се и временските непогоди кои ќе бидат честа појава и ова лето, особено во јули и во август кога би можело да има и поголеми временски непогоди и натпросечно количество на врнежи за тие месеци.
– Да го спомнеме метеоролошкиот феномен „Ла Ниња“ кој особено ќе добива на интензитет кон крајот на ова лето. Тој носи пониски температури и го лади европскиот континент. Токму поради овој метеоролошки феномен во иднина ќе има повеќе врнежи кај нас – додава метопрогнозерот.
Од Управата за хидрометеоролошки работи за Плусинфо информираат дека со голема веројатност се очекува дека летото 2024 ќе биде топло и суво.
– Според анализите за целиот југоисточен регион на Европа, се очекува летните температури да достигнат натпросечни вредности. За територијата на Република Северна Македонија постои многу голема веројатност за надминување на температурите од многугодишните просечни вредности. Надминувањето на температурите може да достигне и до 3 степени Целзиусови речиси на целата територија – информираат од УХМР.
Оттаму истакнуваат дека најголемото позитивно отстапување на температурата на воздухот од повеќегодишните просеци за оваа сезона се очекува да биде во јули.
– Несигурноста кај регионалните прогнозирања за врнежите е секогаш поголема во однос на температурата. Ако се набљудува медитеранскиот регион тогаш нема јасен сигнал за врнежите и можеме да кажеме дека ќе бидат просечни. Но доколку се ограничиме на регионот на југоисточна Европа, тогаш локалните фактори и локалната варијабилност на регионално ниво со поголема веројатност ни дава сигнал за намалување на врнежите во однос на повеќегодишниот просек. Се очекува целиот југоисточен регион на Европа да има врнежи под просечните – велат од Управата.
Во јули, според прогнозите се очекува да биде и најголемото негативно отстапување на врнежите за оваа сезона.
– Во планинските делови постои голема веројатност дека просечните врнежи ќе бидат надминати поради епизоди на засилена конвекција и појава на обилни врнежи. Многугодишниот просек (1981-2010) за температурите на воздухот во летната сезона се движат од 16 степени Целзиусови во планинските предели до 25,3 степени измерени во Гевгелија. Врнежите во овој период се во границите од 23,9 mm измерени во метеоролошката станица во Штип до 96,7 mm во Маврово – велат од УХМР.
Во многугодишниот просек (1981-2010) на температурата на воздухот во Скопје за јуни, јули и август изнесува 21,9, 24,2 и 23,9 степени.
Најтопол ден во земјава е регистриран на 5 јули 2000 година во Гевгелија со средно дневна температура од 34,7 Целзиусови степени, додека во Скопје тоа било на 24 јули 2007 со температура од 32,6 Целзиусови степени.
Многугодишната (1981-2010) просечна количина на врнежи во Скопје за јуни, јули и август изнесува 44 mm, 37,6 mm и 34,4 mm, соодветно.
– Сезонскиот изглед на времето е научен пристап кој овозможува информации за климатските карактеристики за неколку месеци или сезони однапред. Во претстојната летна сезона секако постои веројатност да се јават периоди со исклучително топло и сушно време, како и веројатност за изразени негативни отстапувања од вообичаените средни вредности на температурата, но и влажни продори. Повремено може да доминираат субсезонски варијации, кои не се предвидливи долго време однапред, па затоа силно се препорачуваат редовно ажурирање на прогнозата. За дополнителни и навремени информации потребно е редовно следење на подеталните краткорочни прогнози, кои редовно и вонредно ги издава Управата за хидрометеоролошки работи – велат од Управата.
Владата вчера одржа вонредна седница по најавите дека денеска и утре Гевгелија, Богданци, Валандово и Дојран ќе бидат зафатени од високи температури од портокалова фаза, и донесе соодветни препораки.
Владата ги усвои препораките од Министерството за здравство за намалување на ризиците од високите температури, согласно Акцискиот план на Министерството за превенирање на последиците од топлотните бранови врз здравјето на населението за територијата на овие градови. Се препорачува ослободување од работните обврски на најранливите групи население, односно бремените жени и лицата на возраст над 60 години.