Политиката на САД сè уште зачувува најмалку 84 проценти од копненото засолниште на Русија – територија во опсегот на украинскиот антиракетен систем АТАКМС, анализира познатиот Институт за проучување на војната од Вашингтон. Во написот се вели дека дозволата за Украина да напаѓа руски територии се однесува за најмногу 16 проценти.
„Ограничената промена на политиката на администрацијата на Бајден, која ѝ дозволува на Украина да користи оружје обезбедено од САД за да нападне некои руски воени цели во мала област на руска територија ја намали големината на копненото засолниште на Русија за најмногу 16 проценти“.
Во 16 отсто од територијата на Русија кои САД ги смета за легитимни цели се наоѓаат и градовите Белгород, Куркс и Брјанск.
„Сепак, не е јасно дека украинските сили имаат дозвола да го сторат тоа“, анализира ИСВ и додава дека американски високи функционери изјавиле дека Украинците можат да нападнат руски воени објекти „распоредени веднаш преку украинската граница“, односно дека способноста да се нападне Русија со контрабатериски оган од типот ГМЛРС е ограничен само на регионот Харков.
Главното ограничување за Украина е дека не може да се напаѓаат цели во Русија од кои немало напади кон Украина, сугерираат изјавите на американските официјални лица, се објаснува во најновиот извештај на Институтот.
На Твитер ИСВ објави мапа на претпоставените 16 проценти територија во обрач околу границата на Украина со Русија.