Унгарија мора по секоја цена да се држи настрана од мисијата на НАТО во Украина, рече денеска унгарскиот премиер Виктор Орбан, еден ден откако генералниот секретар на Алијансата изјави дека нема планови за испраќање војници во оваа земја разурната од војна.
Тој во интервју за јавното радио рече дека Будимпешта нема ни да учествува во фазата на планирање на таа мисија, предупредувајќи на ризикот унгарските единици да бидат префрлени под команда на НАТО и да се искористи унгарската територија доколку започне мисијата на Алијансата во Украина.
– Ќе изгубиме клучен дел од нашиот суверенитет ако тоа се случи, тогаш нема да можеме да ги држиме унгарските војници надвор од војната – рече Орбан, цитиран од унгарската новинска агенција МТИ.
Тој најави дека моментот кога Унгарија ќе се повлече од сите подготовки на НАТО за мисијата во Украина е „многу блиску“.
Тој додаде дека за таков чекор прво мора да се разговара со сегашниот и идниот генерален секретар на НАТО. Актуелниот лидер на Алијансата, Јенс Столтенберг, вчера изјави дека НАТО не планира да испрати војници во Украина.
– Мораме јасно да ставиме до знаење дека Унгарија има право да се придржува до основниот договор за НАТО на кој се приклучивме – рече Орбан, нагласувајќи дека НАТО е дефиниран како одбранбен сојуз.
Унгарскиот премиер тврди дека Европа е во „состојба на воена психоза“ која логично може да резултира со пристигнување на западни војници на украинска територија.
– Гледајќи наназад, лесно може да се види дека се движиме побрзо и побрзо кон отворен конфликт. Оние кои велат дека нема закана од директна војна, го мамат народот – тврди Орбан.
Унгарскиот премиер смета дека има кампања за замолчување на политичарите кои се залагаат за мир.
Тој го наведе нападот врз словачкиот премиер Роберт Фицо и наводното блокирање на известувањето за Маршот на мирот што се одржа во Унгарија минатата сабота.
– Се подготвува директен конфликт – предупреди Орбан, додавајќи дека „се наоѓаме на само неколку сантиметри од точката од која нема враќање“.
Орбан ги објави своите мрачни предупредувања пред изборите за Европскиот парламент оваа недела, на кои гледа како шанса да се запре ескалацијата на војната.
-Имаме шанса да ја запреме војната на овие избори. Тогаш ќе имаме неколку тешки месеци до изборите во САД, кои ќе можеме да ги преживееме. И кога претседателот Доналд Трамп ќе се врати, можеме да формираме пан-западна трансатлантска мировна коалицијами да ја запреме војната – смета унгарскиот премиер.