По цели 25 години една од најпопуларните пејачки на Балканот, миленичката на публиката од Вардар па до Триглав, Драгана Мирковиќ ќе одржи спектакуларен настап во Македонија. Настапот е закажан за на 11 јули во омилениот кабаре-клуб на битолчани, „Голд Фелиција“.
Факт е дека Мирковиќ има многубројна публика во Македонија, па токму овој настап е од исклучително значење за неа.
Од нејзиниот тим велат дека постојано добиваат понуди за настапи во нашата земја изминативе години, но баш сега се поклопиле сите коцки за тој и да се реализира. Тимот и Драгана за овој настап посебно се подготвуваат, особено што таа ќе настапи по пауза од цели 25 години.
– Знаеме дека имам многу понуди за Македонија, но и без разлика на пребукираниот календар ние ќе одговориме на повиците. Сега за сега нека остане тајна што подготвуваме за Македонија. За почеток е Битола, но ви ветуваме дека ќе се гледаме многу често – велат од нејзиниот тим.
Задоволството дека повторно ќе настапи пред македонската публика не го криеше ниту Драгана.
– Оваа година е еден мој голем јубилеј, 40 години во музиката, па јас не би била среќна ако не запеам пред македонската публика. Знам дека должам на многубројната публика во вашата преубава земја, земја која многу ја сакам и ме врзуваат најубавите спомени од моите концерти во деведесетите – изјави Мирковиќ.