Македонските туристички агенции кои имаат сопствен превоз, но и автобуските превозници кои возат на меѓународни релации очекуваат и земјава преку измени на законот за безбедност на сообраќајот да воведе правила за тежината на багажот, наплатата на дополнителниот багаж и да утврди што може, а што не да се носи во горниот дел од автобусите каде што седат патниците. Тие велат дека и Балканот кој се стреми кон ЕУ треба да ги прифати правилата кои се воспоставени во Европа, а не да се преоптоваруваат автобусите со багаж, наместо да превезуваат патници.
Дел од нив веќе имаат воспоставено сопствени правила за багаж складиран во багажникот на автобусот и изгледот на сопствениот багаж на патниците кој можат да го внесат во делот за седење, но велат дека овие правила треба да бидат озаконети за да немаат проблем со патниците.
Прашањево, како што велат, се актуализира пред секоја летна сезона кога голем број граѓани патуваат на одмор или се гастарбајтери кои се враќаат во земјата во која работат и со себе сакаат да понесат сѐ од потребната облека, до храна и реквизити кои им прават проблем на возачите на автобусите.
– Не знам зошто ние на Балканот секогаш заостануваме со воведување на одредени правила на однесување, па и во автобускиот сообраќај и дозволуваме хаос во однесувањето на патниците. Сè уште има патници кои сакаат сѐ да понесат во автобус за да не трошат многу на одмор, без да размислуваат за другите и без да се информираат за цените во земјата каде што одат. Правилото да се дозволува само една торба по патник во автобус, а за дополнителната да се наплаќа е секаде во Европа и се наплаќа 30 евра за дополнителниот багаж. По ковидкризата веќе не е дозволено внесување храна во автобусите, освен вода, а во горниот дел патникот да носи само лесен сопствен багаж за документи. Овие правила се воспоставени не само за да се намали оптоварувањето на автобусите, туку и да се има ред при патувањето и да се одбегнат несакани случки во кои има повредени патници – вели Дончо Нацев, сопственик на ТА „Арботравел“.
Како туристички агенции со сопствен превоз или превозници, вели тој, и ние мораме да се адаптираме на правилата на останатите, но државата мора да воспостави одредени правила во законска форма за што ќе има и казнени одредби и ќе може да контролира колку се наплаќа за дополнителниот багаж.
– Кај повеќето агенции кои нудат превоз или автобуски превозници за меѓународен превоз, непишано правило е да не се наплаќа багажот, но некои од превозниците веќе наплаќаат за втората торба на секој патник. Дел од превозниците, почесто агенциите во горниот дел на автобусот не дозволуваат внесување на храна, освен вода и е дозволено да се внесе лесна ташна за лични документи. Ова од причина што туристичките автобуси веќе немаат големи багажници внатре, освен за основниот багаж. Во автобусите веќе нема ниту закачалки за да се закачи облека или нешто друго. Секое патување е планирано со застанување со одмори определени според должината на патувањето потребен за возачите и за патниците. Одморите се прават на места каде што може да се купи и консумира храна – вели Нацев.
Дека прашањето треба законски да се реши се согласни и автобуските превозници кои вршат меѓународен превоз посебно во земјите каде што има голем број граѓани кои одат на привремена работа. Тие велат дека и покрај обидите сами да го регулираат прашањето на багажот, не можат тоа да го спроведат во целост бидејќи нема на што да се повикаат.
– Ова прашање е важно да се регулира, бидејќи нашите автобуси се преоптоварени со багаж. Посебно на релациите каде што има нашинци на привремена работа и кога тие се враќаат од престојот дома во странската држава или кога нивни роднини одат на посета. Се возат малку патници, а многу багаж, па се случува автобусите повеќе да возат товар отколку патници – вели превозник во меѓународен сообраќај.
Превозниците, пак, во меѓуградскиот сообраќај, не гледаат потреба законски да се наметнува правило за број на багаж и наплаќање на дополнителен багаж, бидејќи како што велат најчесто возат патници кои одат во друг град на работа и не носат багаж. Што се однесува до потребата да се забрани храна во автобусите, велат, тоа е веќе воспоставено правило.
– Во услови кога сѐ помалку има патници кои користат автобуски превоз во земјава одвишно е да се зборува да се наплаќа багажот. Во комбињата или во автобусите во кои возите наместо 40 или 50 патници само 10 до 15 и помалку има место за багаж да носат и по две и повеќе торби, но најголемиот дел од патниците не носат никаков багаж и затоа не гледам потреба да се воведуваат правила или да се наплаќа за багажот. Во тој случај и оние малку патници ќе ги изгубиме. Но, ако државата со закон ни наложи да наплаќаме багаж тогаш ние тоа и ќе го правиме – велат од превозникот Вакчаре кој оперира со автобуската станица во Струга.
Соседна Србија веќе воведе правило на еден патник, една торба, а дополнителниот багаж да се наплаќа. Правилото важи од 1 јуни 2024 година.