Амбасадорот на ЕУ во земјава, Дејвид Гир, заменик амбасадорот на Германија, Ото Граф и претставници на Green for Growth Fund (GGF) во атарот на светниколското село Богословец, денеска свечено го отворија првиот приватен ветро-парк „Богословец“.
Проектот е вреден 61 милион евра, развиен од THOR Impex, и е првиот приватен ветерен парк во земјава и може да се пофали со капацитет од 36 MW, способен да напојува со електрична енергија над 20.000 домаќинства годишно.
Амбасадорот на ЕУ, Гир истакна дека се надева оти оваа прва ваква приватна инвестиција во ветерен парк ќе биде вовед во уште многу инвестиции во чиста енергија и во одржлив економски развој.
– Она што е важно е властите и приватните компании заедно да работат и конструктивно да покажат дека секторот на обновливи извори на енергија максимално го искористува овој потенцијал. Токму овој проект демонстрира како тоа може да биде сторено, здружувајќи локални и компании од ЕУ и банки. Бенефитите ќе бидат долгорочни како за животната околина, така и за граѓаните. Овој проект ќе ги намали емисиите на јаглерод диоксид за 800.000 тони годишно и ќе обезбеди чиста енергија за 20.000 домаќинства – рече Гир.
Заменик амбасадорот на Германија, Граф посочи дека ветерниот парк „Богословец“ претставува значаен чекор кон воспоставување на обновливите извори на енергија како значителен дел од снабдувањето со електрична енергија во државава.
– Оваа приватна инвестиција покажува дека инвестиции во обновливи извори на енергија не секогаш се возможни само со јавни финансии и со државна поддршка туку многу добро се возможни како приватни иницијативи и како бизнис и сметаме дека овој проект е огромен чекор напред кон тоа обновливите извори на енергија огромен дел од снабдувањето со електрична енергија во Северна Македонија – рече Граф.
Михајло Михајловски од THOR Impex, компанијата сопственик на ветерниот парк „Богословец“ најави инвестиција во нов проект и се надева дека за година и пол свечено ќе се отвори и вториот ветро-парк „Богословец 2“.
– Она што е особено важно е дека станува збор за македонска инвестиција, македонски капитал кој и понатаму ќе остане во државата да создава дополнителна вредност и да биде извор на идни големи инвестициски проекти. Ваквото достигнување не би било возможно без непоколебливата поддршка од нашите партнери кои придонесоа овој ветерен парк да биде изграден и да почне да произведува електрична енергија согласно проектот – рече Михајловски.
Овој проект го претставува претприемачкиот и иновативниот дух што сите ние треба да го имаме во наредните години за да ги исполниме амбициозните цели што државата ги има за својот енергетски сектор, нагласија во своите говори претставниците на Green for Growth Fund.
Ветерниот парк Богословец беше поддржан од Ерсте Груп, Комерцијална Банка, НЛБ Банка, Шпаркасе банка со финансии во вкупен износ од 41 милион евра и ОеЕБ, развојна банка на Република Австрија кои во финансирањето на овој осовено значаен проект учествуваат со 10 милиони евра.
Ветерниот парк „Богословец“ е вреден 61 милион евра. Изградбата почна во 2021 година и во изминатиов период „Siemens Gamesa“ инсталира 8 ветерни турбини на локацијата.