Српскиот тенисер Новак Ѓоковиќ се повлече од Ролан Гарос поради повреда на коленото. Ѓоковиќ почувствува проблеми од стартот на турнирот, непријатностите се појавија на мечот против Музети, а потоа на мечот против Серундоло делумно го пукна десниот медијален менискус и денеска во Париз му беше извршена операција.
Новак Ѓоковиќ веднаш по магнетната резонанца реши да се повлече од турнирот уште пред борбата со Каспер Руд во четвртфиналето, што значи дека му претстои подолга пауза. И додека Србија стравува дека најдобриот српски тенисер нема да може да игра на Вимблдон или уште полошо на Олимписките игри во Париз, во тенискиот свет некои веќе го отпишаа Ѓоковиќ кога е во прашање останувањето, односно враќањето на врвот на АТП листата.
Веќе од понеделник Новак Ѓоковиќ нема да биде најдобар на светот и ќе биде прескокнат од Јаник Синер, а доколку не игра на Вимблдон, постои можност неговиот пад да продолжи. Секако, тоа нема да промени ништо бидејќи Ѓоковиќ ја мина 428-та недела на врвот на АТП листата и можно е тој рекорд никогаш да не биде соборен.
Поранешната австралиска тенисерка Кејси Делаква не верува дека Ѓоковиќ може повторно да биде број 1 во светскиот тенис.
– Дали некогаш повторно ќе го видиме Новак на првото место на АТП-листата? Искрено не мислам така… Мислам дека неговото време на првото место е ограничено. Но, тој сè уште го има тој рекорд. Ајде да бидеме објективни, не велам дека апсолутно не постои шанса да се врати повторно на првото место, но дали мислам…Па, не сум сигурна. Тој помина 428 недели таму, тоа е многу време… Тоа е неверојатно многу време, повеќе од 8 години. Но мислам дека повеќе не сака толку нсилно темпо – вели Делаква.
– Тој сака титули, беше отворен по тоа прашање, сака само Грен слем титули и големи рекорди. Веќе го има светскиот рекорд за број еден на АТП листата, но мислам дека тоа не го интересира. Дали би можел? Да. Дали сака? Не. Има уште многу бодови што треба да ги брани, мислам дека неговото време на врвот на АТП листата заврши – додаде Делаква.