Од наплата на патарина во првите 5 месеци од годинава се собрани 1,45 милијарди денари (23,6 милиони евра) што во однос на истиот период за 2023 година претставува зголемување или повеќе остварен приход за 2,2 милиони евра.
-Тенденцијата за зголемен остварен приход во 2024 година е константна, со пораст од 10,2% за периодот јануари-мај годинава – информираа за МИА од Јавното претпријатие за државни патишта (ЈПДП).
Износот на наплатените средства на патарините е различен и се движи од 155,8 милиони денари на Романовце до 53 милиони денари на Демир Капија.
ЈПДП минатата година ја заврши со рекорден приход од патарини во износ од 62 милиони евра, за 100% повеќе споредено со 2020 година кога наплатата изнесуваше 34 милиони евра. Вкупните приходи на ЈПДП од наплата на патарина за 2024 година се проектирани на износ од 4,4 милијарди денари.
Податоците на ЈПДП покажуваат дека системот за заедничка електронска наплата на патарина со примена на еден „таг“ при патување во државава и во Србија, што е оперативен од крајот на јуни лани, досега има 1.864 корисници.
-Еден таг во двете држави го користат преку 1.800 иматели на тагови, или поточно 1.864 корисници. Во периодот откако започна функционалната операбилност, секојдневно се користи и над 21 милион денари се наплатени од користење на српски тагови во Македонија – велат од ЈПДП.
Во однос на придобивките од проектот, како што оценуваат, позитивниот ефект се гледа и на проширувањето на нова платформа Toll4All во кој ќе бидат вклучени и државите од регионот, Црна Гора, Босна и Херцеговина, Хрватска и Грција.
На тој проект активно се работи, а дополнително ќе има известување од моментот кога ќе се вклучат и другите држави.
Еден „таг“ функционира како активност од иницијативата „Отворен Балкан“. ТАГ (микробранов транспондер) треба да се регистрира на веб пoрталот openbalkan-etc.com.
Електронскиот систем за наплата на патарини во државава беше воведен во јули 2019 година. Последните податоци покажуваат дека трендот на користење на електронските уреди се движи по нагорна линија и веќе се искачи на 30%, односно според ЈПДП, граѓаните почнуваат да ги сфаќаат придобивките од брзо и ефикасно поминување на наплатните станици со М-кард и М-таг. На наплатните станици на кои функционира електронската наплата, учество на електронските уреди се движи од 28 до 40%.
Од почетокот на оваа година, за периодот јануари-мај, продадени се 7.501 МКартички и 5.983 МТаг уреди. За нивно надополнување во оваа година има вкупно 194.853 поединечни операции. Факт е, оценуваат од ЈПДП, дека тенденцијата на зголемување на учеството на електронски уреди во наплатата на патарина се зголемува константно.
Од 2019 година, пак, кога е воведена електронската наплата досега продадени се 177.688 М-картички и 27.088 М-таг уреди. Сепак, 57% од учесниците во сообраќајот уште преферираат да плаќаат во готовина, а 12,23% плаќаат со користење на платежни картички за наплатата.
Покрај на седумте наплатни станици на Коридор 10, од неодамна електронска наплата има и на патарините Глумово и Желино, како дел од проектот за модернизација на наплатните станици на Коридор 8.
Наплатната станица Глумово профункционира како целосно електронска на 4 април годинава, а наплатната станица Желино, се трансформираше во електронскиот систем еден месец подоцна, на 3 мај година. Процесот, како што истакнуваат од ЈПДП, продолжува и понатаму.
Со проектот за модернизација на Коридорот 8 се опфатени и станиците Миладиновци, Тетово и Гостивар.