Срѓан Јанковиќ, осомничениот за убиството на 2-годишното девојче Данка Илиќ, преку бранителот рече дека повеќе не сака да се брани со молчење, туку дека ќе зборува за делото, објави српски Мондо.
Според неофицијални информации, тој 2 дена размислувал да даде исказ во Вишото јавно обвинителство во Заечар, а сега конечно ја донел таа одлука.
„Бранителот на осомничениот Срѓан Јанковиќ најави дека осомничениот во наредниот период ќе ја изнесе својата одбрана“, соопштија од Вишото јавно обвинителство Заечар.
За потсетување, 2-годишната Данка Илиќ исчезна на 26 март во Бањско Поље кај Бор, а полицијата, по 10 дена потрага и детални проверки на сите индиции и информации, ги уапси Срѓан и Дејан од Бор, кои се осомничени дека го удриле девојчето со автомобил, а потоа нејзиното тело го ставиле во багажникот и го однеле на депонија. Телото на девојчето сѐ уште не е пронајдено.
Дејан Драгијевиќ детално го опиша убиството, рече дека телото било фрлено во депонија, а потрагата по Данка беше концентрирана во селото Злот. Пребарувани се депонии, дворот на семејната куќа на Драгијевиќ, шахти и сите места кои би можеле да доведат до некаков напредок во потрагата, но засега безуспешно.
Полицијата заплени десетици предмети од куќата на Дејан Драгијевиќ во селото Злот кај Бор, кои би можеле да бидат клучен доказ во истрагата. На осомничените им се одземени и двата приватни автомобила кои се испратени на вештачење.
Вишото јавно обвинителство во Заечар ги добило резултатите од ДНК вештачењето кое покажа дека во автомобилот не се пронајдени нејзини биолошки траги, а за кој се претпоставува дека осомничените го користеле кога ја удриле Данка Илиќ.