Европа се соочува со две „брутални војни“ во близина на нејзините граници и многу тензии кои лесно можат да излезат од контрола, посочи високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Жозеп Борел во говорот на крајот од Шумановиот безбедносен и одбранбен форум што се одржа во Брисел.
Борел предупреди дека некои од овие кризи би можеле да ескалираат во голема глобална конфронтација „во време кога светот стана мултиполарен, а мултилатералниот систем кој треба да го одржува мирот е длабоко ослабен“.
– Ние Европејците се соочуваме со две брутални војни во близина на нашите граници и многу тензии кои лесно можат да излезат од контрола – во Либија, во Сахел, на Западен Балкан, на Кавказ, во Судан, на југот на Африка, на границите на Демократска Република Конго, во Заливот, во Јужното Кинеско Море, во Јужна Азија и со бандите и наркокартелите во Латинска Америка и Централна Америка – рече Борел.
– Доколку не се почитуваат пресудите на Меѓународниот суд на правдата, светот ќе биде во многу полоша ситуација. И следниот пат нема повторно да се повикуваме на Меѓународниот суд на правдата ако овој пат неговата пресуда не биде спроведена – а не беше – нагласи Борел.
Во Брисел се одржа вториот Шуманов безбедносен и одбранбен форум на кој се собраа политичари, високи носители на одлуки, воени претставници на земјите-членки на ЕУ и повеќе од 60 земји партнери, како и претставници на меѓународни и регионални организации и академски заедници.