Претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган, рече дека Евровизија поттикнува „родова неутрализација“ и го загрозува традиционалното семејство, пренесува британски Гардијан.
Во неодамнешното обраќање, Ердоган ги опиша учесниците на Евровизија како „тројански коњи на перверзијата на општеството“ и оцени дека неговата влада постапува правилно што од 2012 година не испраќа свој претставник на натпреварот.
Оваа година победата на Евровизија ја освои швајцарецот Немо, кој со тоа стана првиот небинарен човек кој триумфирал во тоа натпреварување.
– Стана невозможно да се сретне нормална личност на такви настани – рече Ердоган, чија владејачка Партија на правдата и развојот има корени од исламското движење во Турција и чија влада стана помалку толерантна кон правата на ЛГБТ заедницата во последниве години.
Според него, изборот за песна на Евровизија е „срамно натпреварување“ и сега се гледа дека одлуката на Турција да не учествува на него била „правилна“.
Ердоган зборуваше и за популационата политика и оцени дека падот на наталитетот претставува „егзистенцијална закана“ и „катастрофа“ за Турција.
Најновите статистички истражувања покажуваат дека една жена во Турција има во просек по 1,5 деца, а турскиот лидер ги повикува семејствата да имаат најмалку три деца.