Минимално, но сепак е остварено намалување на каматите на вкупните кредити на месечно ниво, но не и на годишно. Во првиот банкарски квартал од годинава просечната камата на вкупните кредити изнесувала 5,50% што е за само 0,02 процентни поени помалку во однос на каматата регистрирана во февруари, но на годишно ниво пак има раст за 0,46%. Каматата на вкупните кредити за домаќинствата е зголемена и на месечно ниво, за 0,01% пп и на годишно ниво за 0,31% пп, се наведува во анализата на Порталб мк.
Сепак со цел да привлечат нови клиенти и да ги задржат постојните банкарите со почетокот на оваа економска година понудија значајно пониски камати за новоодобрените кредити за кои просечната камата на крајот од март по подолг период се спушти по пет отсто, односно изнесувала 4,98%. Споредбената анализа покажува дека оваа камата за новоодобрени кредити е најниска во период од една година (од март 2023). Каматата на новите кредити за домаќинствата на крајот од март годинава изнесувала 5,40% (со намалување на месечно ниво) а за кредитите за компаниите на ниво од 4,73%.
Од друга страна и натаму останува „длабокиот јаз“ меѓу каматите за кредити и оние за депозитите.
Просечната камата за вкупните депозити на крајот на март изнесувала 1,80%, ниво кое е највисоко од март 2023-та година, но со „лазечко темпо“ на раст на месечно ниво. Кај вкупните новопримени штедни влогови пак се забележува просечна камата од 2,46%.
Наместо со олеснување на условите и зголемување на побарувачката – кредитната 2024 започна сосема спротивно од она што го прогнозираа банкарите. Условите за кредитирање се заострија, а побарувачката за кредити се намали во првиот квартал од годинава. Новата анкета за кредитна активност на НБМ покажува дека 81% од банкарите укажале дека во првите три месеци од годинава условите за кредитирање на компаниите останале непроменети, но сепак генерално тие се заостриле, но не преку раст на каматите, туку преку висината на заемот што се одобрува и обезбедувањето што банките го бараат од компаниите. Исто така наместо очекуваната зголемена побарувачка на кредити, во првите три месеци има намалување.
„Во првиот квартал на 2024 година има посилно нето-заострување на вкупните услови за одобрување корпоративни кредити, во споредба со претходниот квартал. Нето-заострувањето не е во согласност со очекувањата за нето-олеснување, дадени од банките во претходната анкета“ – се наведува во новообјавената анкета.
Незначително но сепак одредено заострување имало на условите за кредитирање на домаќинствата а регистрирано е и намалување на побарувачката, иако претходно менаџерите на банките прогнозираа дека ќе има олабавување и зголемена побарувачка на кредити од страна на граѓаните со почетокот на оваа година.
Она што можеби не се очекуваше во првото полугодие е натамошно заострување на условите за кредитирање. Банкарите оценуваат дека и вториот квартал, кој веќе е во тек, ќе биде во знакот на заострени кредитни услови за компаниите а олеснети за кредитирање на населението.
„За вториот квартал од 2024 година, се очекува мало нето-заострување на кредитните услови за одобрување корпоративни кредити и нето-олеснување на кредитните услови кај вкупните кредити на домаќинствата“ – нотира НБМ.
Според новите ревидирани прогнози на Народната банка во првите три месеци од годинава е регистрирана стапка на кредитен раст од 6,1% на годишна основа.