На глобалните пазари, цените на нафтата благо пораснаа минатата недела, бидејќи трговците се надеваат на забрзување на растот на кинеската и другите големи светски економии, што ќе ја поддржи побарувачката за „црното злато“.
На лондонскиот пазар минатата недела цената на барелот порасна за околу 1%, на 83,98 долари, додека на американскиот пазар цената на барелот порасна за 2%, на 80,06 долари.
Благиот пораст на цените на нафтата е благодарение на новите податоци кои поттикнаа надежи дека растот на најголемите светски економии би можел да се забрза, што би го поттикнало и растот на побарувачката на нафта. Падот на залихите на нафта и деривати во најголемите светски економии, исто така, го поддржува оптимизмот за побарувачката.
Дополнително, се очекува Организацијата на земјите извознички на нафта (ОПЕК) и нејзините сојузници да ја задржат политиката на намалување на производството во втората половина од годината, по 1 јули, доколку побарувачката не се зголеми. Главно поради геополитичките тензии на Блискиот Исток, од почетокот на годинава цената на нафтата на лондонскиот пазар порасна за околу 8%, а на американскиот пазар за повеќе од 9%.