Државната изборна комисија – ДИК попладнево едногласно го усвои предлогот да се повтори гласањето во изборните единици 5 и 6 на 7 изборни места, а гласањето да се изврши на 22 мај (среда).
Во изборната единица 5 ќе се прегласува на избирачките места 1470/1 и 1470 во Општина Долнени, на избирачките места 1194 и 1202 во Општина Крушево, на избирачките места 1844 во Општина Струга, во избирачкото место 1272 во Општина Охрид, додека во Шестата изборна единица прегласување ќе има на избирачкото место 2101 во Општина Желино.
Гласањето ќе се одржи во среда, на 22 мај 2024 година.
ДИК ги разреши претседателите на избирачките одбори, членовите и нивните заменици во избирачките места 1470/1 и 1470 во Општина Долнени, 1194 и 1202 во Општина Крушево, 1844 во Општина Струга, 1272 во Општина Охрид и 2101 во Општина Желино.
Со оглед дека се кратки роковите за избор на нови избирачки одбори, за да биде регуларно прегласувањето, општинските изборни комисии (ОИК) ќе треба да ангажираат некои од веќе постојните избирачки одбори, или од најблиските избирачки места или некои други, и за тоа ќе треба да достават известување до ДИК.
Кампањата за повторното гласање ќе трае до понеделник, 20 мај, 00.00 часот. Притоа, ќе важат истите листи за болни и немоќни лица, ќе нема можност да се пријавуваат нови.