Владата пред заминување нè задолжи со нови речиси 35 милиони евра преку котација на двегодишна и петнаесетгодишна обврзница.
Оваа информација ја соопшти Македонска берза.
„Ве известуваме дека согласно поднесено барање од страна на Министерството за финансии за котација на државни обврзници, почнувајќи од 17.05.2024 година на Официјалниот пазар на подсегментот берзанска котација ќе бидат примени на котација државните обврзници“, се наведува во соопштението објавено на веб страната на берзата.
Емисијата на првата, двегодишна државна обврзница е со вредност од 1,104 милијарди денари, или 17,9 милиони евра. Номиналната вредност е 10.000 денари, а издадени се 110.442 хартии од вредност од овој вид. Каматната стапка е 3,85%, а рокот на доспевање е 10 мај 2026 година.
Втората е петнаесетгодишна обврзница и достасува на 10 мај 2039 година. Издадени се 103.730, хартии од вредност со номинална вредност од 10.000 денари. Вредноста на емисијата е 1,037 милијарди денари (16,8 милиони евра). За нив е предвидена каматна стапка од 5,60 %.