More

    Во казнено-поправните установи во Северна Македонија се направени подобрувања во однос на хигиената и состојбата во ќелиите

    spot_img

    Во казнено-поправните установи во Северна Македонија се направени подобрувања во однос на хигиената и состојбата во ќелиите, но и натаму е непроменет третманот кон лицата лишени од слобода од страна на полицијата и присутна е корупцијата меѓу затворскиот персонал, се посочува во најновиот Извештај на Европскиот комитет за спречување на тортура и нехумано или понижувачко постапување или казнување (КПТ) при Советот на Европа.

    Извештајот е подготвен врз основа на согледувањата на тим на Комитетот за време на периодичната посета на земјава во октомври минатата година, а споредбите се направени во однос на претходниот престој во 2019 година.

    Како што се посочува во документот, посетата била фокусирана на полицискиот третман, вклучително и на поплаки за наводно полициско малтретирање, и на условите во притворските оддели во четири затворски установи и во Воспитно-поправниот дом во Тетово, како и на третманот и условите за живот на пациентите во две психијатриски болници и на жителите на дом за лица со посебни потреби.

    Во извештајот Комитетот заклучува дека во земјава нема подобрување во третманот на лицата лишени од слобода од страна на полицијата споредено со неговата посета во 2019 година.

    „КПТ доби многу наводи за полициско малтретирање времето на апсење или испрашување во канцеларија на полицискиот инспектор. Ги повикуваме властите конечно да донесат кохерентна стратегија за борба против оваа појава“, се наведува во извештајот.

    Комитетот оценува и дека неодамна формираното трипартитно тело за полициска одговорност, односно Механизмот за надворешен надзор над полицијата, треба да биде поддржан со усвојување на методологија за спроведување ефективни истраги за наводите за малтретирање и тортура врз основа на неговите конкретни препораки.

    Во однос на долгогодишната загриженост на Комитетот во однос на состојбата во затворите, во Извештајот се посочува дека се направени подобрувања во затворите во Скопје, Штип и Прилеп, особено во однос на „обезбедувањето минимално ниво на хигиена и состојбата во ќелиите“.

    КПТ посочува дека состојбата во затворот во Идризово „останува алармантна“ со физичко малтретирање на затворениците од страна на затворскиот персонал и продолжена изолација на проблематичните затвореници, насилството меѓу затворениците и нехигиенските и небезбедни услови.

    Според Комитетот, овие проблеми се дополнително изразени во делот од установата од затворен тип, каде има голема пренатрупаност на затвореници. Условите, како што се наведува во извештајот, се влошуваат и поради широко распространетата корупција и фаворизирање на одредени затвореници од страна на персоналот со што се поткопува правилното функционирање на установата.

    Во документот се забележува дека продолжува несоодветната примена на одредбите за здравствена заштита во затворите, поради недоволен персонал и несоодветен медицински преглед на новопристигнатите затвореници и третман на затворениците со проблеми поради употреба на наркотици и се препорачува Министерството за здравство да покаже „поголемо лидерство во справувањето со овие недостатоци“.

    „Стратешката реформа на затворскиот систем треба да се фокусира на искоренување на корупцијата меѓу персоналот и професионализација на раководството на затворите, преку транспарентни и деполитизирани назначувања врз основа на заслуги, како и преку обезбедување на нивна хиерархиска подреденост на затворската администрација“, препорачува Комитетот.

    Во врска со Воспитно-поправниот дом во Тетово, Комитетот утврди дека малолетните престапници се сместени во задоволителни услови и им се нуди наменски режим на активности насочени кон нивна реинтеграција во заедницата од страна на група посветени професионалци.

    Сепак, во извештајот се наведени критики за одредени аспекти на материјалните услови и на фактот што задолжителните воспитно-образовни активности се прекинати поради недостиг на финансирање и во очекување на донесување на законска регулатива.

    „Неопходна е проверка на дозите и видовите на психотропни лекови што им се препишуваат на малолетните престапници, кои изгледаат тотално несоодветни“, заклучува Комитетот.

    Во врска со посетата на двете психијатриски болници, се оценува дека пациентите генерално се третирани правилно, но се забележува поради „неформалните практики на сегрегација на пациенти“ во Одделот за судска медицина во психијатриската болница во Скопје, каде што пациентите се задржувани без медицински надзор или без да им бидат понудени какви било индивидуални терапевтски активности.

    „Условите за живот во двете установи варираат во зависност од состојбата на реновирање и одржување на одделенијата, при што во некои од нив тие се лоши и нехигиенски“, се додава во документот.

    Во Извештајот се изразува критика на практиката забележана во психијатриската болница во Демир Хисар на врзување на пациентите за кревет со метални синџири и катанци, што може да се смета за нехумано и понижувачко постапување и таа мора веднаш да прекине.

    „Во однос на состојбата во специјалната установа за ментално хендикепирани лица во Демир Капија од 2019 година е постигнат напредок со префрлање на одредени жители во станбени единици во заедницата. Властите треба да се погрижат сите жители да имаат корист од соодветен опсег на активности и да ја разгледаат состојбата со персоналот, особено со регрутирање постојан лекар и зголемување на бројот на постојан персонал“, се додава во извештајот.

    Комитетот посочува дека извештајот е објавен согласно процедурата за автоматско објавување на која се согласиле властите на земјава.

    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img