Во Хрватска во тек е потрагата по родителите на бебето кое ноќеска беше најдено фрлено во канта за ѓубре во местото Запрешиќ во близина на Загреб.
Бебето го нашле тројца тинејџери кои околу 23 часот се враќале од тренинг и слушнале плач што доаѓал од малата канта за отпадоци на улица во центарот на градот. Погледнале внатре и виделе бебе. Тинејџерите биле запрепастени од глетката, но брзо реагирале. Додека едниот останал со отворен чадор до кантата, бидејќи врнел дожд, другите двајца панично побрзале да побараат помош.
– Не видовме ништо конкретно бидејќи беше темно. Поминав покрај таа зграда околу 20 часа со моето куче и морам да признаам дека ништо не се слушна. Нешто пред 23 часот оддалеку се слушна женски плач. Но, не можев да забележам дали е на отворено или звукот доаѓаше од еден од становите. Тоа само звучеше како силно липање. И еден час подоцна, околу полноќ, кога повторно погледнав низ прозорецот пред да спијам, видов сини светла. Претпоставував дека се полицајци. Ако навистина беше она за што се зборуваше од утрово, дека некој фрлил бебе во контејнер за ѓубре, шокиран сум и се прашувам каде оди овој свет – изјави за Јутарњи лист жител на улицата во Запрешиќ, каде во понеделникот доцна вечерта беше пронајдено новороденче фрлено во корпа за ѓубре.
Друга жителка на улицата вели дека не видела ништо освен сини полициски светла и дека мислела дека се работи за пијани луѓе. Не би било прв пат, вели, да прават хаос.
– Тоа беше главната вест утрово. И сите ги споменуваат тројцата тинејџери кои се враќаа од тренинг. Слушајќи ги звуците од кантата, прво помислиле дека некој ја фрлил мачката. И на крајот ужас – додава уште еден жител на улицата.
Полициските инспектори сега имаат тешка задача да откријат која е мајката и кој бил нејзиниот мотив.Ги посетуваат сите згради во околината. Освен што прашуваат дали некој од жителите на околните згради забележал нешто сомнително, тие ги испрашуваат жителите и за жени од околината за кои знаат дека неодамна биле бремени, пренесуваат хрватските медиуми.