По повеќемесечната истрага и вепштачење, денеска во Основното јавно обвинителство поднесена е кривична пријава против 37-годишен скопјанец кој на 11 мај минтата година предизвикал пожар кој ја оштети конструкцијата на мостот „Беласица“. Осомничениот кој веќе е во затвор поради тешка кражба, сега ќе му се суди и за предизвикување општа опасност.
„СВР Скопје – Единица за насилен криминал – Одделение за крвни и сексуални деликти, денеска до Основно јавно обвинителство Скопје поднела кривична пријава против И.Х.(37) од Скопје, осомничен за сторено кривично дело „тешки дела против општата сигурност” по член 292, а во врска со кривично дело „предизвикување општа опасност” по член 288 од Кривичниот законик, соопштија од МВР.
По преземени мерки, подигнати докази, извршени вештачења и разговори со повеќе лица било утврдено дека на 11.05.2023 под мостот „Беласица“, пријавениот предизвикал пожар на т.н. „просторија за компензација на топловод”, кој се проширил на термичката изолација и топловодните цевководи кои се дел од топлификациска мрежа на ЕСМ-Снабдување со топлина, при што се предизвикани топлински оштетувања на наведениот топловод, како и видливи оштетувања на конструктивните елементи на мостот“ – се појаснува во соопштението.
Инаку, пријавениот И.Х. од 12 септември 2023 се наоѓа на издржување казна затвор во Казнено – поправната установа Затвор Скопје за сторено кривично дело „тешка кражба“ по член 236 од Кривичниот законик.