Советникот на украинскиот претседател, Сергеј Лешченко е уверен дека Русија ќе ги нападне и земјите членки на НАТО.
– Путин ќе ги нападне земјите од НАТО за да покаже дека глобалните институции се слаби. Полска и другите соседи, би требало да бидат предупредени поради тоа што се случува во Украина – изјави Лешченко за виенскиот дневен весник „Пресе“.
Според него, целта на претседателот на Русија, Владимир Путин, не е само да ја избрише Украина од географската карта, туку и да го уништи глобалниот поредок.
Тој нагласи дека „доколку добие вистински гаранции, Украина би била подготвена да стане неутрална земја“.
– Подготвени сме да прогласиме неутралност, но, само со безбедносна гаранција, а не со ветувања како оние во Меморандумот од Будимпешта. Подготвени сме и да разговараме за специјалниот статус на Крим и за окупираните територии во текот на војната – појасни Лешченко.
Меѓутоа, Украина, како што истакна тој, не е подготвена да прифати окупација на територии што Русија ги освои за време на војната.