Советот на ЕУ денеска ја одобри Регулативата за формирање на Механизмот за реформи и раст за Западен Балкан, со што за да стапи во сила останува уште нејзино објавување на Службениот весник на Унијата, јави дописникот на МИА од Брисел.
Механизмот претставува нов финансиски инструмент за реализација на Планот за раст за Западен Балкан на Европската комисија. Со средствата од Механизмот треба да се поддржат реформите во земјите од Западниот Балкан поврзани со нивниот пристапен пат кон ЕУ, како и да се поттикне економскиот раст во регионот. Инструментот е предвиден за периодот од 2024 до 2027 година и се очекува за шесте земји партнери на ЕУ од Западен Балкан да обезбеди 2 милијарди евра грантови и 4 милијарди евра позајмици под поволни услови.
Главната цел на инструментот е да го поддржи усогласувањето на земјите од Западен Балкан со вредностите, законите, правилата, стандардите, политиките и практиките на ЕУ, поврзано со идното членство во Унијата, како и нивната прогресивна интеграција во единствениот европски пазар и обезбедување на социјално-економско поврзување со блокот.
Преку Механизмот ќе бидат поддржани низа социо-економски и базични реформи, вклучително и оние поврзани со владеењето на правото и основните човекови права.
За да може да добие финансиска поддршка од Механизмот, секој земја во регионот мора да подготви реформска агенда во која ќе ги наведе реформите што планира да ги преземе за да ги постигне целите на Планот. Како посебна цел е наведена и преземање мерки, кои би придонеле за „прогресивно и континуирано усогласување со Заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ“.
Консултациите меѓу ЕУ и земјите од Западниот Балкан околу реформските агенди се во тек и се очекува тие да бидат одобрени на почетокот на летото, по што би следеле и првите исплати на средства од Механизмот.
Инаку, покрај во рамки на Механизмот, поддршка за остварување на Планот за раст ќе се обезбедува и преку Инвестициската рамка за Западниот Балкан (ВБОФ) во форма на грантови и заеми за инвестиции во инфраструктурни проекти во износ до 3 милијарди евра, како и преку кредити директно исплатени во буџетите на земјите од регионот за да се забрза растот врз основа на клучните социо-економски реформи, исто така, во износ до 3 милијарди евра.
Предвидено е исплатите да се вршат двапати годишно, под услов земјите од регионот да ги исполнат квалитативните и квантитативните услови утврдени во реформски агенди. Во случај повеќето од условите за поддршка да не се исполнети, ЕУ може да одлучи да ја запре исплатата на средствата.
Општи предуслови за поддршка од страна на ЕУ во рамките на Механизмот се продолжување на поддршката и почитувањето на ефикасните демократски механизми, вклучително и повеќепартиски парламентарен систем, спроведување слободни и фер избори, плурализам на медиумите, независно судство и владеење на правото и заштита на човековите права, вклучувајќи ги и правата на лицата кои им припаѓаат на малцинствата.
За Србија и Косово како дополнителен предуслов е остварувањето мерлив напредок и видливи резултати во нормализацијата на нивните односи и целосно имплементирање на сите обврски кои произлегуваат од Договорот за патот кон нормализација и неговиот Анекс и од сите претходни договори постигнати во рамки за дијалог, како и да започнат преговори за Сеопфатниот договор за нормализација на односите.
За да се зголеми транспарентноста на трошењето на средствата, земјите од Западниот Балкан треба да формираат веб-портал каде што ќе објавуваат ажурирани податоци за крајните приматели кои од Механизмот за период од 4 години вкупно ќе добијат најмалку 50.000 евра.
По усвојувањето од страна на Советот на ЕУ, Регулативата за формирање на Механизмот за реформи и раст за Западен Балкан сега треба да биде објавена во Службениот весник на Унијата, по што ќе стапи во сила следниот ден.
По стапувањето во сила на Регулативата, Европската комисија официјално ќе упати покани до земјите од Западниот Балкан да и ги достават своите реформски агенди со реформите што планираат да ги спроведат во периодот од 2024 до 2027 година, со што ќе стартува практичното функционирање на Механизмот.