Основното јавно обвинителство ќе ги проверува наводи за два настани во текот на изборниот процес и доколку има услови ќе почне постапка за двата предмета, изјави претседателот на комисијата на ОЈО за следење на изборите Џељаљ Бајрами, на прес конференција.
Тој рече дека изборниот процес се одвива без поголеми нарушувања и нерегуларности.
– Во текот на денешниот ден е во ОЈО Радовиш е пријавено дека еден од гласачите наводно го покажал гласачкото ливче кон еден од набљудувачите на една политичка партија. Дадени се насоки за проверка на наводите и ако постојат елементи за сторено кривично дело, предметот ќе се процесуира – рече Бајрами.
Тој соопшти и дека вториот предмет се однесува за наводенн поткуп на гласачи со струјомери во општина Делчево.
Во текот на вчерашниот ден, пак, во ОЈО Делчево е заведен предмет по барање на МВР. Побарани се наредби за вршење увид во службената документација на ЈП „Комуналец“ за да се проверат наводите за евентуално сторено кривично дело „поткуп при избори и гласање“. Се работи за наводно бесплатно поставување водомери во поголем број населени места во таа општина. Дадена е наредба за проверка на службената документација во комуналното претпријатие и доколку се утврди дека има елементи за сторено кривично дело „поткуп при избори и гласање“, секако дека тој предмет ќе се процесуира понатаму – информира Бајрами.
Тој додаде дека Привремената комисија на Јавното обвинителство за следење кривични дела против изборите и гласањето до крајот на денот ќе ги следи изборите, а исто така внимателно ќе го следи и изборниот процес на 8 мај, за време на парламентарните и вториот круг претседателски избори.
Комисијата, како што информира покрај него има и по еден јавен обвинител од четирите виши обвинителства, како и еден обвинител од ОЈО Скопје како најголемо ЈО во државата.