За една година дури 14 редовни основни училишта се затвориле во Македонија, односно од 976 во 2021/2022 година, овој број се намалил на 962 во 2022/2023, покажуваат загрижувачките податоци од Државниот завод за статистика (ДЗС) објавени вчера.
Истовремено, било затворено и едно специјално основно училиште и сега нивниот број е 35.
Бројот на паралелки за една година се намалил од 11.057 на 10.997, а бројот на ученици од 184.910 на 182.245. Во меѓувреме, бројот на наставници во основното образование се зголемил за 283 наставници, односно од 19.326 на 19.609.
Во средното образование пак, за една година, бројот на ученици се намалил за 2.700, а бројот на паралелки за 49.
Податоците од Државниот завод за статистика покажуваат дека училишните клупи се повеќе се празнат, а објавените бројки покажуваат дека цели семејства со деца на училишна возраст ја напуштаат Македонија.
Тука секако, заслуга има и наталитетот, односно младите се подоцна стапуваат во брак, како и новата „светска мода“ – да се избегнува бракот.
Фото: МИА