Доказите од македонските власти не биле доволно релевантни за полицијата во Дубаи, па најпознатиот наркобос од Македонија, Шеваљ Муареми од Грчец, вчера бил пуштен на слобода објави ТВ21. Тој бил уапсен во емиратот истиот ден.
За лидерот на кланот од Грчец на 19 март министерот за правда Кренар Лога ги потпиша барањата за негова екстрадиција, откако претходно беше распишана и меѓународна потерница.
Според извори на телевизијата, Шеваљ е пуштен бидејќи тамошните власти му рекле дека нема доволно докази поради кои може да биде задржан, па го пуштиле на слобода. Инаку биле доставени докази против него од апликацијата „Sky“, кои пак полицијата во Дубаи не ги признавала за релевантни.
Муареми е осомничен како предводник на групата од Грчец која убивала и пренесувала дрога, а беше откриена преку акција потпомогната и од меѓународните истражни институции.
По Шеваљ Муареми, за кој постојат сомненија дека бил дел од меѓународна организирана криминална група осомничена за повеќе кривични дела, МВР распиша меѓународна потерница која беше објавена и на веб страницата на Министерството.
„Муареми Шеваљ, татко Азби мајка Азбије, род.18.11.1977 год. во Скопје, живее на ул„.5“ бр.1 село Грчец, општина Сарај. Се бара по распишана меѓународна потерница од ОЈО за ГОКК-Скопје со Наредба КО БР.15/24 од 30.01.2024 година. Лицето е под истрага за сторено кривично дело по чл.123 ст.2, чл.394 ст.3 и чл.215 ст.3 од КЗ на РСМ“, се наведува во потерницата на МВР.
Во јануари, годинава, беа поднесени кривични пријави против 16 лица кои се сомничат за неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, убиства и обиди за убиства. Сите биле членови на меѓународна организирана криминална група, која ја предводел Муареми (46) од село Грчец.