Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски вечерва се обрати пред илјадници граѓани кои дојдоа на големиот сенароден митинг да ѝ искажат поддршка на кандидатката за претседателка на Македонија, професорката Гордна Силјановска Давкова.
Во своето обраќање Мицкоски се осврна и на предизборната конвенција на противкандидатот на Силјановска, актуелниот претседател Стево Пендаровски.
– Главната порака беше дека Стево не крадел. Замислете каков напредок е тоа и каков врвен успех е тоа што сам си се прогласи дека не крадел. Па, се подразбира дека не треба да се прави и не знам дали човеков очекува Нобелова награда за тоа, но самото потенцирање на тој факт во услови кога корупцијата галопира, само значи дека Стево индиректно ни порача дека владата краде, ама не и тој. И во таквиот занес во салата и продавање на магла сите аплаудираат на овој огромен успех, само Миле Зечевиќ не. Си знае тој, сфати колку е часот и што е пораката – рече Мицкоски.
Тој додаде дека Пендаровски го поминал мандатот како аналитичар без свое јас, а не претседател и личност со интегритет, па му порача дека на овие избори ќе загуби катастрофално.
– Толку силно што во вториот круг нема да му се оди на избори. Во неговото опкружување најмногу се плашеле од тоа како ќе го смират после првиот круг и како ќе го натераат да ја приврши кампањата до крај. Па од тука сакам јавно да ги прашам Ковачевски и Пендаровски, дали ако разликата меѓу Пендаровски и професорката Силјановска биде во 6 цифри, Ковачевски, Ахмети и Пендаровски ќе го бојкотираат вториот круг по поразот од првиот – рече Мицкоски.