Австриската полиција денеска соопшти дека ја отфрлила поврзаноста на лицата од снимките направени од српски државјанин во Виена со исчезнувањето на 2-годишното девојче Данка Илиќ во околината на Бор, откако им бил расчистен идентитетот и бил воспоставен контакт со нив, јави дописникот на МИА од Белград
Врз основа на истрагата и посочените факти, јасно и без сомнение може да се исклучи поврзаноста на лицата прикажани на објавените видео снимки и исчезнатото девојче, се наведува во соопштението на полицијата.
Канцеларијата на Државната криминалистичка полиција на Виена ја продолжува истрагата за можното киднапирање на детето, се додава во соопштението.
Австрискиот сајт Космо тврди дека пронашол две жени и едно дете врз основа на видео снимено од српски државјанин кој живее во Виена, а за кој се сомнева дека е исчезнатата Данка Илиќ.
Романската државјанка А. Ц. С., која живее и работи во Виена, наводно е една од жените на видеото, а во изјава за Космо таа тврди дека таа и нејзината мајка немаат никаква врска со криминалното милје и дека немаат никаква врска со киднапирањето на детето.
Според Космо, Романката била во областа Велс кога дознала дека нејзините фотографии се споделуваат на мрежите.
Видеото до австриските власти го проследил маж кој на трамвајската станица „Шотенринг“ наишол на дете во придружба на две жени и забележал сличност со 2-годишната Данка Илиќ.
Потрагата по двегодишното девојче кое исчезна минатиот вторник во Бањско Поље кај Бор, влезе во десетти ден.
Полицијата продолжува интензивно да работи. Се проверуваат сите факти и лица кои може да се поврзат со исчезнувањето на девојчето.