Европа не успеа да се договори за санкции за рускиот гас и нафта, а според Жозеп Борел, шефот на европката дипломатија, пченицата би можела да биде следниот ресурс кој Русија ќе го искористи како свое моќно оружје.
– Русија веќе вели: Нашата пченица е за пријатели, а кој не е наш пријател нема да ја добие. Ќе се појави нова политичка панорама, со Русија и Кина на едната и Западот на другата страна. И многу земји во развој се наклонети кон една или друга земја зависно околностите. Се сеќавате ли на Студената војна, кога имаше неврзани земји? Сега сме сведоци на оживување на таков феномен – вели Борел за шпански „Ел Паис“.
Сепак, според Борел, конфликтот мора да се реши на бојното поле.
– Ако престанеме да ја вооружуваме Украина, конфликтот ќе заврши. Но, што тогаш? Не е важно како ќе заврши? Прашањето не е само кога ќе заврши, туку и како – додава тој.
– Многу економисти веруваат дека би било рационално да се зголемат цените на гасот и нафтата, за да се бараат алтернативни извори. Ниту еден од тие предлози не ужива едногласна поддршка. Ова е прашање што треба да го реши Европскиот совет. Ова е политика на високо ниво. Досега не е постигнат договор. Разговараме со сите и вршиме притисок за акција. Кога Германија вели дека нема да има повеќе руска нафта до крајот на годината, таа е под силен притисок. Но, тоа ќе се случи. Русија ќе ги изгуби парите од продажбата на нафта и гас. Ако успееме да донесеме едногласна одлука, ќе бидам среќен. Инсистирам на ова, изнесувам аргументи, ги проучувам можностите, барам алтернативи – вели тој.