„Единственото објаснување е дека Украина е врвот на ледениот брег. И дека целта на Западот е да ѝ нанесе стратешки пораз на Русија“.
Вака за московскиот весник „Известија“ изјави шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров, според кого војната во Украина можела да биде запрена ако Киев ги почитувал „сега веќе непостоечките договори од Минск, кои беа дизајнирани да им дадат специјален статус на регионите Доњецк и Луганск во рамките на украинската држава“.
Дипломатот додаде дека по пучот во Киев во 2014 година, поддржан од Западот, новите украински власти започнаа „војна против сопствениот народ“ во Донбас.
За Лавров актуелниот мировен план предложен од Украина е бесмислен бидејќи се заснова на неприфатливи идеи како што е повлекувањето на Москва од територијата што веќе ја освоила. Тој исто така смета дека мировниот самит кој го предлага Украина мора да се промени и да се дозволи учество на Русија.
– Во секој случај, ние сме подготвени да разговараме, но не врз основа на „ формулата за мир“ на (украинскиот претседател Володомир) Зеленски – рече Лавров.
Тој, исто така, се праша како некој сериозен политичар во Вашингтон, Брисел, Лондон, Париз или Берлин „може да каже дека нема алтернатива за формулата на Зеленски“.
Лавров рече дека се сретнал со официјални претставници и дипломати од Швајцарија кои го увериле дека мировниот самит, на кој Берн се согласи да биде домаќин, ќе ја вклучи Русија и ќе се одржи под „реални услови“.
– Ние разбираме дека ништо не може да се реши без вас, тоа е неправедно – ги цитира Лавров зборовите на швајцарските претставници.