Владата на денешната седница донесе одлука за формирање на совет за следење на имплементацијата на Развојната Секторска Стратегија за правосудство (2024 – 2028).
Како што информираат од Министерството за правда, Советот се формира заради обезбедување на континуитет на досегашната пракса за следење на реформите во правосудството.
МП потсетува дека Владата на седницата одржана на 26.12.2023 година ја усвои Развојната Секторска Стратегија за Правосудство (2024 – 2028) со нејзиниот Акциски план.
Од Министерството информираат дека советот ќе се грижи за навремено спроведување на мерките и активностите согласно Акцискиот план, следење на приоритетите, временската рамка и роковите за имплементација и оценување на постигнатите резултати во спроведување на Акцискиот план.
Со Советот ќе претседава министерот за правда, а останати членови се: министерите за внатрешни работи, за информатичко општество и администрација и за финансии, вицепремиерите за европски прашања и за политики за добро владеење, државниот јавен обвинител, претседателите на Врховен суд, на Судски совет, на Советот на јавни обвинители Република Северна Македонија.
Други членови се: академик Владо Камбовски, Вера Коцо, судија во пензија, Аднан Јашари, професор на Универзитетот на Југоисточна Европа – Тетово, Слаѓана Тасева, поранешна претседателка на Транспаренси интернешнл – Македонија, Беса Арифи, професор на Универзитетот на Југоисточна Европа – Тетово, Неда Здравева, професор на Правниот факултет ,,Јустинијан Први‘‘ – Скопје, Абдула Азизи, професор на Правниот факултет при Универзитетот на Југоисточна Европа – Тетово, Никола Прокопенко, државен советник за кривично законодавство во Министерството за правда, Марија Николовска Ѓорѓиев, кабинетски службеник во кабинетот на заменик претседателот на Владата на Република Северна Македонија задолжен за европски прашања, Жарко Хаџи Зафиров, претставник од БЛУПРИНТ групата за правосудство.
Од Министерството за правда потенцираат дека на седниците по потреба ќе присуствуваат и ќе ја следат работата и други министри, заменици на министри и функционери кои раководат со органи на джавната управа, домашни и меѓународни експерти, стручни лица и претседателите на Здрженијата на судии, на јавни обвинители, на судска служба и јавнообвинителска служба.