Дојава за сомнителна торба во хотелот „Москва“ во Белград, Србија, денеска ги крена на нозе припадниците на специјалните единици, објави српскиот Блиц.
– Видов црна торба во холот на хотелот, па ја отворив и видов метална кутија во неа и еден енергетски пијалак. Помислив дека внатре има експлозив, па веднаш го изнесов црниот ранец на клупа во паркот – изјави сведок.
Тој веднаш повикал полиција. Голем број полицајци дошле на самото место. На терен дошле и контра-субверзивни единици.
– Необучена патрола за работа со експлозиви дојде во првиот миг, а по неа дојде и друга екипа. Ја зедоа црната кутија и ја однесоа на вештачење. Државјанинот на Романија, кој го остави сомнителниот ранец, ќе биде повикан во просториите на полицијата – додаде сведокот.
Според првите независни сознанија, припадниците на специјалните едници заклучиле дека во торбата нема ништо сомнително.
Инаку, денеска е зголемено е присуството на патроли на воена полиција на плоштадите, парковите и на улиците на поголемите градови, трговските центри, железничките станици, Белградскиот саем и други фреквентни места во Србија.
Министерството за одбрана (МО) соопшти дека вооружените сили на Србија, заедно со Министерството за внатрешни работи и безбедносните служби, преземаат мерки на претпазливост и превентивни активности за зголемување на безбедноста на граѓаните, објектите и институциите на Република Србија.