Најмалку седум Палестинци се удавија обидувајќи се да стигнат до хуманитарната помош што беше фрлена во морето, јавува агенцијата АФП, повикувајќи се на Министерството за здравство на Газа. Министерството во меѓувреме објави и дека бројот на убиени Палестинци од почетокот на војната сега надмина 32.400.
Новинската агенција Вафа, исто така, соопшти дека пет Палестинци се водат за исчезнати меѓу стотиците луѓе кои пливаа во морето во близина на Ал Суданија северозападно од градот Газа, откако таму беа фрлени пакети со помош.
„Зошто оние кои доставуваат помош не можат да ја достават преку преминот? Премините се побезбедни и полесни“, го прашал Мухамед Собеих, еден од жителите кој отишол на морето за помош, а пренесува Ал Џезира.
На почетокот на овој месец, најмалку пет Палестинци беа убиени во северниот дел на Газа кога врз нив падна пакет со помош од воздух, откако падобран не се отвори, што предизвика критики за начинот на испорака на помошта.
Палестинското министерство, исто така, соопшти дека бројот на убиени Палестинци во Газа од 7 октомври досега се искачил на 32.414.
Бројот на загинати во војната на Израел против Газа се искачи на 32.414, соопшти Министерството за здравство на енклавата. Ранети се и најмалку 74.787 луѓе.
Последните податоци вклучуваат 81 убиен и 93 ранети во последните 24 часа.