На 23 март 2024 година, на 80-годишна возраст, во Сараево, почина Абдулах Сидран, брилијантен ум – познат босанскохерцеговски писател, драматург, поет, романсиер, новинар и филмски сценарист со бошњачко потекло.
Сидран е најпознат по сценаријата за филмовите на Емир Кустурица, „Доли бел” и „Татко на службен пат”.
Една ноќ, во 1985 година, Абдулах Сидран сонил песна на јазик којшто не го знаел, на македонски јазик. Кoга се разбудил ја знаел песната наизуст иако не бил сигурен што точно значи, а му помогнала пријателка од Македонија, Радмила Трифуновска, која му ја препеала.
Песната потоа во друг контекст е употребена во босанскохерцеговскиот филм „Совршен круг” од 1997 година.
Стиховите кои му се сониле на Сидран како директно да зборуваат за денешните проблеми со кои се соочуваат Македонците и Македонија.
КОШМАР
Што си правиш, сине?
Сонувам, мајко. Сонувам, мајко, како пеам,
а ти, на сон, ме прашуваш: што си чиниш, синко?
За што во сонот пееш, сине?
Пеам, мајко, дека куќа сум имал,
а сега куќа немам. За тоа пеам, мајко.
Како, мајко, сум имал глас, и јазик свој сум имал,
а сега ни глас ни јазик немам.
Со гласот, кој го немам, на јазикот, што го немам,
за куќата, која ја немам, за тоа пеам песна, мајко.