Неколку деца, од градот Хандан во Кина, го претепале својот 13-годишен соученик до смрт, па го закопале во напуштена стаклена градина, известува Си-Ен-Ен.
Властите во Хандан соопштија дека детето се презивало Ванг. Убиено е на 10 март, а полицијата утредента ги привела тројцата осомничени. Тие претходно го планирале злосторството и почнале да му го копаат гробот на својот соученик ден пред убиството.
Адвокатот и семејството на Ванг рекоа на социјалните мрежи дека тројцата другари од одделението го малтретирале детето, а сите биле помлади од 14 години.
Вујкото на детето, кој го идентификувал телото, рекол дека лицето му било полно со повреди, а таткото напишал дека син му е „претепан до смрт“ и дека „неговото тело е толку унаказено, што е непрепознатливо“.
„Се надевам дека владата ќе биде фер, отворена и ќе биде праведна. Дека ќе изрече остри казни и дека убијците ќе платат со животот“, напиша татко му на Ванг.
Соученичка рекла дека осомничените момчиња постојано го заклучувале Ванг во шупа, а тој не сакал да оди на училиште и сакал да умре.
Татко му напишал:
„Кога тато те одведе да го видиш океанот за првпат и те праша дали ти се допаѓа, ти рече ‘да’, а оттогаш, секој летен распуст те носев тука. Дури и сега се чувствувам како во сон. Тато веќе никогаш нема да те одведе крај океанот, кутро мое дете“.