Русија има информации дека Франција се подготвува да испрати воен контингент од 2.000 војници во Украина, изјави директорот на руската надворешна разузнавачка служба (СВР), Сергеј Наришкин, пренесува државната новинска агенција ТАСС.
– Сегашното раководство на Франција не се грижи за смртта на обичните Французи, ниту за загриженоста на генералите. Според информациите добиени од СВР, веќе се во тек подготовките за испраќање контингент. Првично во него ќе има околу 2.000 војници – рече Наришкин.
Според него, француската армија „стравува дека толку голема воена единица не може незабележано да биде префрлена и стационирана во Украина“.
– Така ќе стане легитимна приоритетна цел за напади на руските вооружени сили. Тоа значи дека ќе ја доживее судбината на сите Французи кои некогаш дошле во рускиот свет со меч – најави директорот на руската надворешна разузнавачка служба.
Минатиот месец францускиот претседател Емануел Макрон не сакаше да ја исклучи идејата за испраќање европски трупи во Украина, иако предупреди дека „не е постигнат консензус“ меѓу сојузниците.
– Ништо не треба да се исклучува. Ќе направиме се што треба Русија да не победи – рече Макрон.
Италијанската премиерка Џорџа Мелони денеска истакна дека испраќањето копнени трупи во Украина ќе предизвика ескалација „што треба да се избегне по секоја цена“. Официјален претставник на Белата куќа рече дека САД не планираат да испраќаат војници да се борат во Украина, како и дека исто така нема планови за испраќање војници на НАТО.