More

    Груевски во полемика со Георгиевски за расколот во 2003 година

    spot_img

    Коментирајќи го настапот на Љубчо Георгиевски и на Марјан Ѓорчев во едно телевизиско шоу, поранешниот премиер Никола Груевски ги коментира околностите под кои Георгиевски во 2003 година лобирал за неговата кандидатура за претседател на ВМРО-ДПМНЕ.

    Груевски е испровоциран од тоа што Георгиевски, како што вели, безброј пати досега повторува, во разни негови настапи, вклучително и во овој настап, дека тој лобирал на конгресот на ВМРО-ДПМНЕ за тој (Груевски) да стане претседател на партијата, во овој настап Георгиевски дури и јавно му се извинил на Марјан Ѓорчев поради тоа. Во 2003 година Ѓорчев му беше противкандидат на Груевски за челното место во партијата.

    Еве што пишува Никола Груевски:

    „Прво да потврдам дека тој (Георгиевски) навистина и со сигурност лобирал. Тој дел е неспорен.

    Второ неспорно е дека во тоа време, партиската база го познаваше подобро Марјан Ѓорчев, а мене повеќе ме познаваше од медиумите отколку од теренот. Тоа беше со причина. Не само што Ѓорчев беше повозрасен и неколку години пред мене во структурите на партијата.

    На седниците на Извршниот комитет, кога бевме на власт, кога Георгиевски како претседател ги задолжуваше сите со обврска да бидат надлежни координатори на цели региони со општински комитети, мене секогаш ме изостануваше, па така мојот контакт со базата беше многу помал.

    Еднаш еден присутен на седницата на ИК потсети дека само јас не сум добил задолжение за координатор на неколку ОК, на што Георгиевски одговори дека тоа е намерно така, бидејќи јас правам многу крупни и значајни реформи во земјата како министер за финансии и дека не сака да ме дефокусира од тоа.

    Колку и да беше искрено кажано од негова страна, тоа ми создаде дополнителна нетрпеливост и отпор од страна на дел од другите колеги министри, бидејќи индиректно некои тоа го толкуваа дека тие не прават или малку прават реформи, па имаат повеќе слободно време“.

    Георгиевски долго го убедувал Груевски да прифати да биде лидер на ВМРО-ДПМНЕ

    За настаните во 2003 година, Груевски пишува:

    „Прво, јас никогаш не барав од Љубчо Георгиевски да лобира за мене. Ниту еднаш!

    Второ, јас не барав и не помислував да бидам кандидат за претседател на ВМРО-ДПМНЕ тогаш. Тој ми предложи! Јас го одбив!

    Му предложив да си ја задржи функцијата и да продолжи да ја води партијата. Ако е уморен, да се одмори некој месец и да се врати на обврските во партијата. Му кажав дека се гледа дека СДСМ се слаби и без идеја и ништо нема да направат.

    Потоа, кога сфатив дека нема да се премисли, кажав дека не сум против кој и да е друг да биде новиот претседател, вклучително и Марјан Ѓорчев, иако со него за повеќе работи имавме различни видувања.

    Трето, следуваа секоја недела средби меѓу мене и Георгиевски на негов повик, кои беа еден вид сеанси на убедување од негова страна кон мене во правец на мое предомислување и прифаќање да бидам кандидат и негов наследник во партијата, со голем број аргументи поврзани со моите предности и со слабостите на другите потенцијални кандидати, во прв ред Марјан Ѓорчев, кои Ѓеорѓиевски скратено опишува дека чувствувал дека со мене на чело партијата може да победи на следните избори. Ниту сакам да си ласкам кажувајќи (како) тој ме фалеше убедувајќи ме да прифатам, ниту сакам да го ставам него и други во непријатна позиција кажувајќи што кажал за слабостите на други потенцијални кандидати во нашите разговори“.

    Во тој период Груевски е ангажиран на проект на УСАИД во Белград, за зајакнување на капацитетите на Министерството за финансии на Србија. Но, половина од времето секоја недела тој е во Македонија, за да ѝ помага на партијата која по поразот во 2002 година беше во тешка агонија. Сеансите на убедување со Георгиевски се одвиваат еднаш неделно, по 3-4 часа.

    „Освен самиот тој – пишува Груевски – не знам дали организирано од него или спонтано, но сигурно со информација од него дека не сум прифатил, сеанси на убедување имав од поголем број партиски познати функционери и заеднички пријатели.

    Дел од нив ми доаѓаа дома и по цели часови ме убедуваа. А со дел се гледав на други локации по нивно барање. Темата беше една: мораш да прифатиш! Заради партијата, заради иднината на Македонија итн итн.

    Постоеја повеќе причини зошто не прифаќав. Меѓу другото сакав да се вратам на мојата професија – економијата.

    Сепак, паметам дека пред дел од луѓето со кои се состанував кажав дека една од поважните причини заради одбивањето е што имам чувство дека ќе го победиме СДСМ, но дека по преземањето на власта од нас ќе се очекува промена на името по грчки терк и дека јас не сум подготвен да се согласам за крупни национални отстапки какви што тие очекуваат, што ќе доведе до големи проблеми и ги опишував проблемите.

    Паметам како на еден мој близок кој речиси секој ден доаѓаше дома кај мене да ме убедува да се кандидирам во една прилика му кажав: „Грците тешко дека ќе попуштат, посилни се. На крај ќе дојдеме во судир со меѓународната заедница, ќе немаат како и ќе тргнат против нас да нè рушат, нема да им попуштам и ќе создадат ситуација да нè испозатворат ако им треба тоа за да се смени името“. Тој ми се смееше на тоа кажувајќи дека тоа е нереално предвидување и непотребно сум загрижен. Дури со леснотија ми рече: „Ако треба остави ми ги мене странците по тоа прашање и ќе се повлечат“. Години потоа не мислеше баш така. Но, за тоа можеби во некоја друга прилика“.

    Зошто Борис Трајковски инсистирал Груевски да стане амбасадор во Лондон?

    „Четврто – пишува Груевски – малку пред ова убедување да започне од страна на Георгиевски, на почетокот на 2003 година, претседателот Борис Трајковски најпрвин ми понуди амбасадорско место во 4-5 држави, да одберам едно по моја желба, од квотата што нему му припаѓаше во поделбата со владините партии.

    Го известив Георгиевски и по негова сугестија, но и по мое убедување, се заблагодарив на понудата.

    Потоа имав нов повик од претседателот Трајковски кој беше близок со Доста Димовска и со Марјан Ѓорчев. Следеше понуда за амбасадор во Лондон.

    Претседателот беше мошне отворен и ми кажа дека се присетил како во едно патување во авион на враќање (мислам дека беше од настан на ООН во Мексико), седејќи еден до друг во слободен разговор сум му раскажувал убави спомени од мојот неколкумесечен престој во Лондон заради работен тренинг во инвестициска куќа во Сити и дека сум му кажал дека тоа е град што нуди многу можности за сè, па побарал од Црвенковски да ги заменат градовите и тој да предложи кандидат за Лондон, нагласувајќи дека сака мене да ме предложи, при што Црвенковски кажал дека тоа е мошне интересен предлог, и се согласил.

    За Лондон размислував неколку дена. Претседателот Трајковски овој пат почувствува мало колебање кај мене и се беше јавил на мојата мајка, со која се познаваа при едно негово доаѓање кај мене. За тој телефонски разговор дознав многу подоцна, бидејќи се договориле да не ми кажат. Целта била да ѝ каже дека ми понудил и што ми понудил, веројатно знаејќи дека таа долго посакуваше да се повлечам од активна политика, бидејќи се плашеше од можни реперкусии во политиката особено по трагичното и многу сомнително загинување во декември 1991 година на нејзиниот брат Јордан Мијалков, како прв министер за внатрешни работи на Република Македонија.

    Претседателот ме покани повторно на разговор. Тогаш прв пат почувствував дека можеби сето тоа не е случајно и дека нешто има во позадина.

    Му пренесов на Георгиевски за понудата. Тој ми сугерираше да одбијам и без да побарам или да дадам било каков сигнал дека такво нешто посакувам тој ме номинираше за потпретседател на партијата.

    Два месеца подоцна вечерта, пред дневниот весник „Дневник“ да го објави неговото повлекување и да најави дека јас ќе сум негов наследник, информација која беше очигледно негов брифинг, Георгиевски ме повика и ме извести дека одлучил да се повлече и дека ми нуди јас да се кандидирам за претседател на партијата, а дека тоа тој ќе го подржи“.

    „Петто, како и да е, по шест недели убедувања, долги разговори и анализи, аргументи и контрааргументи, континуирана настојчивост од страна на Љубчо Георгиевски, во голема мерка заради блискоста и довербата со Георгиевски во тоа време, јас прифатив да се кандидирам за претседател на партијата“.

    Груевски: На Георгиевски му поставив само еден услов – да не ми се меша и да не прави опструкции

    Во својот долг пост на Фејсбук Груевски нагласува дека Георгиевски го чувствувал многу близок и имал неограничена доверба во него. Тој пишува:

    „Чувствував дека ако не прифатам дека тоа ќе биде еден вид предавство и кон него и кон партијата. Во смисла кога многумина страдаа заради политичкиот прогон, партијата беше многу падната, кога е тешко време, кога и на самиот Георгиевски му е тешко време, а јас знам дека му беше многу тешко време, јас да не го преземам товарот и да ја извлечам партијата од таа тешка ситуација во која ми стана неприфатливо. Оттука, прифаќањето во голема мерка беше и поради тој наш меѓусебен однос, доверба и почит.

    Шесто, на Георгиевски му поставив само еден услов. Му кажав дека ако веќе се нафаќам за таа многу тешка и одговорна работа за која тој цврсто веруваше дека ќе успеам, јас ќе направам многу големи промени во партијата, пред сè кадровски, организациски и делумно во политиките. Затоа побарав од него да ми даде лично ветување дека нема да имам мешање и опструкции од негова страна во тој дел, дури и кога нема да се согласува со некои од тие мои чекори.

    Укажав дека тој има голем авторитет и влијание во партијата и дека сите незадоволни од мене ќе доаѓаат кај него и ќе бараат поддршка, па ако тој почне да се меша, ќе дојде до проблеми. Ако ја преземам одговорноста да ја преземам партијата во така тешко време и да преземам голем товар со тоа, треба да имам целосна слобода, заедно со органите на партијата да носам самостојни одлуки. Тоа беше моето единствено барање.

    Тој ми одговори дека на сите кои ќе му се обратат, дури почна да ги набројува и по име некои за кој самиот претпоставуваше дека нема да влезат во новиот тим заради нарушената репутација, ќе им каже дека ако тој направил чекор назад за иден успех на партијата, тие ќе треба да направат по два чекора назад.

    И не само тоа. Додаде и дека ако некогаш имам потреба да се вклучи и да смири некои тензии во партијата од незадоволници кои ќе ми прават проблеми, да сметам на него во секој момент и слободно да му се обратам.

    Седмо, под тие услови го прифатив неговото барање, молба и настојување да станам негов наследник во партијата со цел истата да се врати на власт и да се придвижи Македонија напред.

    Во една таква атмосфера немаше дискусија за тоа дали тој ќе лобира за мене. Се направи некаков мој изборен штаб, собираа потписи за кандидатура и на предлог на познато на јавноста лице од тој штаб, Георгиевски прв се потпиша на мојата кандидатура и тоа се објави, што беше јасен сигнал до делегатите.

    Во кампањата ги посетив поголемите општински комитети повеќето од нив раскарани, десеткувани и незадоволни од многу работи од нашето претходно владеење.

    Исходот на конгресот кој се одржа на 24 и 25 мај 2003 година е познат. Ниту некого сум притискал да гласа или да лобира за мене, ниту знам во детали кој кај кого и кога лобирал. Всушност, како што и самиот Георгиевски кажа во емисијата, лобирањето е нормална и легитимна работа во политиката“.

    Георгиевски добил понуда што не се одбива – да се врати на кормилото на партијата

    Но, 7-8 месеци подоцна, новиот лидер ќе почувствува поголемо мешање на Георгиевски во партијата. За тој период, Груевски пишува:

    „Беше поврзано со темата кандидат за претседател. Сè уште бевме во многу добри односи со Георгиевски. Почувствував нефер однос од Георгиевски и во два наврати сосема пријателски и отворено, во четири очи, му го кажав тоа и му понудив доколку сака јас да се повлечам од функцијата претседател поради приватни причини и без да ѝ објаснувам на јавноста детали, а тој да се врати и да продолжи онака како што тој сака и смета дека е најдобро.

    Му укажав дека нема да има лутење од моја страна, нема да има опструкции, нема да излезе во јавност зошто сум се повлекол и дека доколку сака и понатаму ќе му помагам од било каква улога што ќе ми ја додели.

    Тој не го прифати тоа.

    Но, продолжи со мешањето и со опструкциите и сето тоа кулминираше на претседателските избори, кога надвор од одлуката на раководството, по своја лична процена, го повика членството на бојкот во вториот круг, со што загубивме секаква можност за успех на тие избори, па заедно со бескрупулозното полнење гласачки кутии за Црвенковски главно во местата со доминантно албанско население, поради што никогаш не ги признавме резултатите, разликата во вториот круг стана голема во корист на СДСМ.

    Тогаш дојде до раскол во партијата, кој сам по себе е посебна тема со многу детали. На една средба меѓу нас двајцата, Георгиевски директно и недвосмислено побара од мене да се повлечам од водството на партијата, бидејќи тој сакал да се врати. Мојот одговор беше: ’Ме молеше да се нафатам на ова, и најмногу заради тебе се нафатив. Потоа, кога почувствував дека сакаш да се вратиш во политиката, двапати на фер начин ти понудив тивко да се повлечам, а ти да се вратиш и не прифати. Сега ме доведе во ситуација на пораз и сакаш враќање. Јас да заминам со пораз и неуспех за кој ти придонесе, а ти да се вратиш како спасител. Тоа не е коректно што ми го направи‘.

    Бев многу револтиран и му кажав дека нема да поднесам оставка. ’Ова е партија каде ти имаш големо влијание. Повели смени ме‘.

    Искрено, мислев дека така и ќе заврши … Но бев гневен, разочаран од него, се чувствував изневерен, предаден, искористен и решив да заминам со борба. Како што во тој период употребив една метафора: ’Се чувствував како со нож забиен во грб‘.“

    Што му рекле на Груевски Војо Михајловски и Ламбе Арнаудов?

    Четири или пет месеци подоцна, во есента 2003 година, Георгиевски со своите приврзаници формираше нова партија и се пресели во нови простори. За овој период, Груевски пишува:

    „Но, набрзо се појави потреба од средба со неговите луѓе, заради некои стари нерасчистени обврски кон државните органи од кои и тие и ние можевме да имаме проблеми. Во штабот пристигнаа поранешниот секретар Војо Михајловски и Ламбе Арнаудов. Јас бев со тројца соработници од ИК.

    Зборувавме на службени теми, но тензијата и напнатоста висеше во воздухот во мојата канцеларија во стариот штаб. Во еден момент Војо Михајловски не издржа и најде некој контекст за луто да ми каже: ’Ајде не се прави будала, мислиш не знаеме дека ти беше договорен со претседателот да го замениш една година, малку да се одмори и да се смират странците кои беа против него, па потоа да се врати!‘

    Останав шокиран! Не можев да поверувам што слушам! А Војо звучеше луто, но искрено, звучеше дека навистина верува во тоа. Му објаснив дека тоа е невистина и некако го привршивме состанокот и си заминаа.

    Години подоцна, кога веќе бев премиер, го поканив Војо Михајловски во мојата канцеларија во владата. Тој веќе беше одделен од Георгиевски и разочаран од него. Ќе се воздржам од подробности околу причините за тоа. Меѓу останатото го потсетив на тој момент и го прашав дали се сеќава и дали навистина така му било кажано. Тој го потврди тоа. Неодамна Георгиевски го демантираше тоа како гостин во една емисија, дури и без да биде прашан.

    Ова е еден мој прилог кон честите вистинити кажувања на Љубчо Георгиевски дека тој лобирал за да станам претседател на ВМРО-ДПМНЕ без објаснување на околностите како дошло до тоа“.

    Љубчо Георгиевски возвраќа: Да не го поддржав Груевски, ќе победеше Марјан Ѓорчев

    На долгиот пост на Груевски на Фејсбук, со свој пост на оваа социјална мрежа се огласи и Љубчо Георгиевски. Еве што напиша тој:

    „Господинот Никола Груевски, испровоциран од мојата дебата со Марјан Ѓорчев, се јави со подолг текст на неговата ФБ страна со негово објаснување на настаните пред неговиот избор во Охрид.

    Прво, неговата хроника е прилично точна со мали корекции: ’Тој сакал ама јас не сум му давал да се занимава со партијата‘.

    Политиката на Груевски да нема потреба да работи со партиските комитети и членови беше широко позната и коментирана. Сите од тоа време ја имаат искусено.

    Второ, да, јас го повикав да биде претседател. Претерува со описот на молење, ама точно е дека се мислеше помеѓу советник на српската Влада и претседател на ВМРО. Затоа, пак, по 11 години власт од сите политичари најтешко си замина, значи не сум му понудил лоша работа.

    Трето, описот што го дава не ја менува мојата теза дека Ѓорчев ќе победеше. Кога тој објави дека ќе се кандидира членството се сврте кон него токму поради претходно игнорантскиот однос на Груевски.

    Четврто, во мојата поддршка кон него без никакви услови, господинот Груевски ниту сега ниту никогаш не ја виде мојата жртва за партијата, да се повлечам за да победи некој друг. Нека си направи споредба со неговото повлекување.

    Петто, од самиот негов опис се гледа дека партијата му е дадена на тацна од мене, а очигледно дека тој исто така сега на тацна му ја даде и на Мицковски.

    Шесто, да, нашиот судир настана кога тој реши да му прави цензус за претседател на Б. Црвенковски.

    Седмо, делот на личната суета е само изговор. Во нашиот разговор веќе многу одамна спомна како мотив на неговиот однос спрема мене била изјавата тогаш на Л. Арнаудов, а сега на В. Михајловски дека: ’Мислиш не знеме дека било договорено да се повлечеш‘. Ниту на Ламбе ниту на Војо ниту на еден од оние кои ја формираа ВМРО-НП никогаш не им дадов повод да мислат така. Инаку, главните основачи на ВМРО-НП беа луѓе кои во тоа време беа дистанцирани од новиот претседател наоѓајќи им разни мани, а после ги врати со најголеми привилегии.

    Осмо, Груевски заборава дека тогаш и во јавноста и пред него зборував дека на партијата ѝ треба нов профил ослободен од национализам, економски профил, технократ. Во тоа време немаше ни трага од оној Груевски кој спроведува антиквизација, кој го прославува ослободувањето на стара Србија на Зебрњак, кој ќе ја постави најавторитарната власт во модерна Македонија …“

    Груевски остро: Јас правев реформи, а не партиски групации и тајфи!

    По оваа реакција, со нов пост на Фејсбук, Груевски ја продолжи полемиката:

    „Прво, неточно е дека сум имал некаква политика да не сакам да се занимавам со комитетите на партијата. Не постои ситуација кога било побарано такво нешто од мене, а јас сум го одбил.

    Второ, тој вели дека сум претерувал со описот на молење. Напротив, сериозно го ублажив тоа, за да не го доведам во непријатна ситуација. Сепак сме биле заедно, сме работеле заедно, сме биле блиски, а јас секогаш внимавам на тоа, бирам зборови и постапки, дури и кога тој близок многу ќе ме изневери.

    Понатаму, Георгиевски вели дека тогаш сум се мислел помеѓу советник на српската влада и партијата. Советничкото место беше краткорочен проект и нема логика да се мислам за тоа. Тоа беше проект на УСАИД во Србија со договор, кој имаше почеток и крај. Впрочем, и откако го презедов водството на партијата, во следните 5-6 месеци ги довршив моите обврски кон преземениот договор со повремени патувања во Министерството за финансии на Србија.

    Преземањето на партијата беше комплетно менување на животните планови, преземање огромен товар, огромни ризици и многу голема одговорност, за кои секој зрел човек добро размислува и не носи лесни и брзи одлуки.

    Ако ми било толку важно да владеам, како што алудира Георгиевски дека најтешко сум заминал од власт, ќе сум ја прифател одлуката веднаш, без одлагање. Јас во таа 2003 година веќе многу добро знаев што е власт, бидејќи 4 години бев во владата како министер, најпрвин една година за трговија а потоа уште три години за финансии, бев и претседател на Комисијата за хартии од вредност, а бев и актуелен пратеник и потпретседател на партијата.

    Задржувањето на власт 11 години е резултат на многу работа и огромни обврски, но и на резултати од таа работа, проекти кои работев да ги дотуркам до крај, реформи, намалување на невработеноста преку нови инвестиции и други активности, чии краен исход беше издигнување на Македонија, многу повеќе задоволни граѓани отколку пред и после тоа, победа на избори и добивање нов мандат во неколку изборни циклуси.

    Јас сум човек кој многу внимателно се нафаќа на одредени одговорности, но ако веќе ги преземам, тогаш тоа го правам со неверојатна одговорност, висока совест, темелно, продлабочено и без импровизации.

    Трето, вели дека ако не било неговото лобирање Ѓорчев сигурно ќе ме победел.

    Не постои шанса Ѓорчев да ме победеше на тие партиски избори, бидејќи мене не ми паѓаше на памет да се кандидирам на тие избори за кои од Георгиевски дознав дека ќе ги има и барањето јас да се кандидирам и да го преземам водството на партијата.

    Додека бев министер, јас не градев позиции некогаш да го преземам водството на партијата. Немав групации, тајфи, не припаѓав во ниту една струја заради зголемување на мојата моќ. Се спротивставував секому, борејќи се за најдобри решенија, и колку што паметам Георгиевски беше многу задоволен од тоа, иако погледнато лично од мој агол, така си создадов повеќе противници.

    Немав план толку долго да останам во политиката, што налагаше преземањето на функцијата претседател.

    Одговорно си ги вршев обврските во владата, поради кои партијата политички многу профитираше, а Македонија имаше голем напредок во областа финансии и економија, што се рефлектираше на многу меѓународни ранг листи за реформи и други конкретни достигнувања, како светската банка, ЕБРД итн.

    Впрочем и самиот Георгиевски во многу јавни настапи говореше за тоа, а во една прилика кажа во гостување на МРТВ: ’Груевски повеќе работи и придонесува од пет министри на ДА‘. Тоа беше мојот фокус, а не подготовка за преземање на водството на партијата.

    Колку што следам со резултатите од тој мој фокус и денес е задоволен и се гордее Георгиевски.

    Четврто, не се согласувам со Георгиевски дека повлекувањето од челното место на партијата беше нешто што единствено може да се нарече негова жртва.

    При убедувањето, тој освен што кажуваше дека смета дека веќе не може да победи на избори, редејќи причини за тоа, јасно ми кажуваше дека веќе не сака и не може да се занимава со комитети, одења на терен, решавање сечии проблеми, расправање со разни незадоволници или меѓусебно раскарани итн. Дека едноставно нема веќе сили за тоа. Дека му е преку глава од тоа, дека веќе му ’се гади од тоа‘.

    Но, и дека не му е сеедно кому ќе ја остави партијата која ја градел. Дека не сака после него партијата да пропадне, напротив. Правеше компарации помеѓу мене и некои други можни претседатели на партијата кои ќе се воздржам да ги објавувам, но сè заедно поедноставено приказната беше: ’Ниту ќе победам, ниту имам сили и желба да продолжам на оваа позиција. Ако ти не прифатиш со било кој друг партијата ќе оди надолу и ќе реди неуспеси кои можат и да ја уништат‘.

    Правеше компарации со начинот како постапувале римските императори кога одредувале наследници, понекогаш доколку немале многу способен син за наследник, дури и посвојување синови, за да не пропадне тоа што го граделе, алудирајќи на иднината на партијата после него“.

    Каква е таа партија „дадена на тацна“, со рејтинг од 8% спроти 31% на СДСМ?

    Во врска со повикот на Георгиевски неговиот наследник да направел споредба со своето повлекување (се мисли на повлекувањето на Груевски), Никола пишува:

    „За моето повлекување тој уште ништо не знае. Нека го поживее Господ, еден ден ќе дознае и ќе види дека нема место за споредба, независно дали била жртва како што вели тој, изнудена жртва или презаситеност, причината за неговото повлекување во 2003 година“.

    Груевски ја коментира и тезата на Георгиевски дека партијата му била дадена „на тацна“:

    „Демек, поклон сум примил. Примив поклон кој веднаш го одбив и кој во тој момент беше тежок товар кој не го барав или посакував, многу голем товар, со многу проблеми и тогаш и во иднина.

    Нормално, откако по долги дискусии и убедувања го примив и се нафатив да го работам тоа, полека сè друго ставив во втор план, за заеднички успех на сите, не само во партијата туку пред сè во Македонија.

    Анкетата на ИРИ во тој момент беше со поддршка од 8% за ВМРО-ДПМНЕ, а 31% за СДСМ. Тоа беше стартната позиција дадена на тацна.

    Не ги потценувам капацитетите на партијата и нејзиниот силен бренд, но за тоа да се крене, требаше многу откажувања, кои според неговите кажувања, Георгиевски веќе не беше подготвен да ги дава.

    Ќе се воздржам да ги објаснувам состојбите кои ги наследив во комитетите, финасиската состојба или некои други детали“.

    Груевски: Бојкотот во 2002 година беше грешка – бојкот не е политика!

    За тезата дека сакал да му прави цензус на Црвенковски, Груевски вели:

    „Јас не сакав да му правам цензус на Црвенковски, туку да го победам! Или, ако се случи да загубам, тоа да биде чесно, без да создавам криза во државата. Државата е поважна од партијата. Никогаш не сум поддржувал бојкот. Тоа не е политика. Политиката е натпревар а не бојкот. На што ќе личи државата ако секоја партија ако губи или не ѝ е сигурна победата, прогласи бојкот?

    А тоа, токму тоа беше барањето на Георгиевски. Да сме направеле бојкот, ќе пропаднале изборите и ќе се создала политичка криза.

    Го прашав, а што потоа? Не мислиш ли дека на новите избори по два месеца може уште повеќе да загубиме како казна од народот кој гледа што правиме? Одговорот беше дека ако губиме пак ќе направиме бојкот и со тек на време таа криза ќе оди на конто на СДСМ, па така во еден момент тоа ќе дојде во наша полза.

    Благодарам на советите, но јас таква политика не сакам да водам!

    Сè што може да е штета на државата заради подобар резултат на партијата не ми е прифатливо. И ќе биде казнето од граѓаните.

    Додатно што мислев, а и денес мислам, дека бојкотот и евентуално понатамошни бојкоти, ќе водеше кон пропаѓање на партијата.

    Тоа немаше да остане неказнето од народот за неговото малтретирање, застој во државата, огромни финансиски трошоци и газење на неговата волја“.

    Анализата за причините за изборниот пораз во 2002 година – вистинската причина за расколот

    Конечно, за расколот со Георгиевски, Груевски вели дека ни темата „бојкот или не“ не била вистинската причина за расколот:

    „Во име на мирот и единството во партијата, бев спремен и по сите упади и проблеми кои ги направи Георгиевски да преминам и да продолжиме. Но, следуваше седница на Извршниот комитет, на која, како што и претходно бил редот, морав да приложам анализа за поразот на изборите, која потоа требаше да оди на Централниот комитет и да ги наведам и образложам причините.

    Во анализата имаше наведени околу 16-17 причини. Некои поголеми, некои помали.

    Не сакајќи да правам судири, повикот на почесниот претседател за бојкот на изборите спротивно на ставот на раководството на партијата, го ставив ’срамежливо‘ на 13 место, ’изгубено‘ помеѓу точките. Колку да се спомне …

    Секако, на прво место беше масовниот фалсификат со полнење кутии во вториот круг. Но, реално на второ место требаше да биде непримерниот чекор на Георгиевски, кој од мене всушност бараше јас да ја носам одговорноста, а тој да ги носи одлуките.

    Тогаш повеќето членови на ИК, кои подоцна заминаа во ВМРО-НП, ја прекинаа седницата, незадоволни што воопшто било спомнато макар и во една реченица името на Георгиевски и заминаа, а потоа со добиена инструкција од Георгиевски се вратија да бараат моја оставка.

    Така започна расколот. Не за цензусот, туку за спомнувањето на Георгиевски на маргините на анализата за поразот на изборите.

    Тогаш ја одржав прес-конференцијата, на која кажав дека во последните денови од кампањата се движев со чувство дека имам забоден нож во грб. И така беше!

    Седмо, Георгиевски, Војо Михајловски и Ламбе Арнаудов најдобро си знаат дали од Георгиевски било дадено повод или не за да го каже Војо Михајловски она што го кажа, а поврзано за наводен договор да бидам една година претседател а после да се врател Георгиевски, исказ кој Ламбе Арнаудов не го негираше на таа средба.

    Знам дека Војо Михајловски беше многу сериозен и чесен човек, а исто така и Ламбе Арнаудов, а во тоа време тие му беа најлојалните луѓе во тоа ново опкружување со новата партија.

    Не знам кои основачи сум ги дистанцирал па сум ги вратил на голема врата, како што вели Георгиевски, но јас градев тим за победа на изборите, а на Георгиевски му најавив уште пред да се согласам да се кандидирам дека тоа ќе го правам и дека многу луѓе ќе треба да изостанат во тој тим, за да победиме. Кога ќе победиме и ќе ја освоиме власта, ќе се измерат сите капацитети и секој ќе добие одговорност согласно капацитетот, но имајќи уважување и кон заслугите.

    Тоа, како што веќе кажав, Георгиевски го прифати без никаква забелешка, напротив го потврди како исправен став кога ме убедуваше да се нафатам да ја водам партијата. Па потоа по имиња ги редеше еден куп од нив, за кои самиот претпоставуваше дека треба да се повлечат“.

    Еден од ликовите за кои Георгиевски велел дека треба да се повлечат е и Љубе Бошковски, вели Груевски и додава:

    „За подоцна, при неговата посета во Хаг, самиот Бошковски да ми каже во детали и подробности како Љубчо Георгиевски го охрабрувал да се кандидира за самостоен кандидат за претседател на претстојните претседателски избори, во неговата семејна куќа, што не можеше да се реализира бидејќи претходно Бошковски беше однесен во Хаг.

    Со оглед дека сега двајцата се коалициски партнери во власта, сигурно ќе го негираат ова, но јас многу добро знам што ми било кажано.

    А оние што се вратија во ВМРО-ДПМНЕ од ВМРО-НП, ќе се воздржам да објавувам што сè зборуваа, во каква заблуда биле држени долг период итн“.

    Водувањето на Груевски на „антиквизацијата“ и на „Скопје 2014“

    За тврдењето на Георгиевски дека Груевски заборавил дека тогаш и во јавноста и пред него зборувал дека на партијата ѝ треба нов профил ослободен од национализам, економски профил, технократ, Груевски потврдува, но вели:

    „Но, Георгиевски веројатно знаел дека не предлага министер за финансии или за екологија, туку за претседател на партија која тој заедно со други ја создаде да почива на национални основи, да се бори за националниот интерес на Македонците и другите граѓани, да ги брани државните и национални интереси.

    Тој сигурно знаел дека од него наследувам партија, а по победата и држава од која се бара да си го смени името и да прифати име кое соседот ќе ѝ го одреди, да се откаже од еден дел од историјата и да го промени идентитетот на нацијата.

    Тој не ми ја остави во наследство десната партија на Норвешка или на Финска, па да се занимаваме само со економија и животен стандард, туку мала балканска држава со многу проблеми, ’со гладни волци околу неа‘, со јужен сосед кој го бара она што го наведов, источен сосед кој бара да се прогласиме за насила ребрендирани Бугари, со во тоа време нерешено црковно прашање со Србија, мултиетничка земја со куп етнички проблеми и прашања.

    Ако Георгиевски зрело размислувал, можел максимум да посакува дека освен со овие прашања кои сакал – не сакал ќе ти дојдат на маса, големо внимание треба да се посвети на економијата, невработеноста, животниот стандард, земјоделието, инфраструктурата, на севкупни реформи во секој сектор итн, што беше направено, повеќе од што најголем дел од граѓаните очекуваа.

    Тие прашања не беа запоставени заради нужноста да се занимавам со политичките односно геополитичките регионални прашања.

    Тој исто така наведува дека во тоа време немало ни трага од оној Груевски кој спроведува антиквизација, кој го прославува ослободувањето на стара Србија на Зебрњак и кој ќе ја постави најавторитарната власт во модерна Македонија.

    Околу ’антиквизацијата‘ мојот прв одговор е дека Георгиевски знае дека тоа е процес кој лично тој го започна од самите негови почетоци и говори за Александар Македонски и античка Македонија, преку најавени конгреси во Солун и две години обесено огромно знаме од врвот на штабот во Скопје па до долу, како јасна порака до гласачите, членовите и симпатизерите за идеологијата на нејзиниот водач и водство.

    Во тие 1995 и 1996 година не го обеси Никола Груевски знамето од Кутлеш на штабот. Ниту пак Никола Груевски на ѕидот во ходникот на штабот го беше ставил грбот на партијата изработен од дрво и резба со сонцето од Кутлеш над лавот.

    Неодамна, во една емисија, Георгиевски прилично несмасно тоа го објасни дека на тој начин сакал граѓаните да ги отргне од југословенството. Демек, тоа било трик. Нека ми извини Георгиевски, но јас не знаев дека всушност ние со години сме ги лажеле членовите и симпатизерите на партијата, дека едно сме мислеле, а друго сме правеле.

    Мојот втор одговор за ’антиквизацијата‘ е дека таков процес воопшто не постоел и таа кованица е измислена од тогашната опозиција предводена од СДСМ, во која како коалициски партнер беше и Георгиевски.

    Зошто го велам ова?

    Од повеќе десетици спомен обележја и споменици во Скопје, само два се од античкиот период. Од исто така повеќе десетици статуи на мостовите и околу нив, само неколку се поврзани со антиката.

    Заради пропагандни цели, идејата на проектот Скопје 2014 беше извадена од контекст.

    Имено идејата на проектот, во историскиот дел, не беше само да се прикаже историјата на македонската нација, туку и историјата на нашето парче земја која тогаш се нарекуваше Република Македонија, што значи дека Скопје 2014 беше наднационален проект.

    Освен што меѓу спомениците и статуите имаше и ликови на етнички Албанци, Власи и личности од други националности, тој проект ги постави и претстави цивилизациите кои поминале на таа територија уште пред времето на формирање на нации по француската револуција а особено во 19 и 20 век.

    Таму, на пример, е претставен Источен римски император од 527 година до неговата смрт во 565 година – Јустинијан I. Еден од најважните владетели на доцната антика, кој е најдобро запаметен по неговата реформа на правниот законик, познат и како ’Последниот римски император‘ и бил император кој повторно го освоил градот Рим од Остроготите. Тој е поставен на плоштадот затоа што е роден во Таор, во близина на Скопје (некогаш Скупи), токму заради тоа што таа светска историска личност која потекнува од оваа територија мошне успешно ја водел најмоќната сила во Европа и пошироко, во еден подолг период, во чии рамки била и денешна Македонија.

    На ’мостот на цивилизациите‘ како што се нарекува мостот кој води кон археолошкиот музеј, е и статуата на Цар Душан, не затоа што бил Македонец или ние сме Срби, или дека бил крунисан во Скопје, како што и се случило. Тоа е затоа што концептот на статуите на тој мост кој е своевиден влез во археолошкиот музеј за секој турист и посетител, е да се стават статуи од најавторитетните личности од историските епохи и цивилизации од чие време се пронајдени и изложени артефакти во археолошкиот музеј, без оние ликови за кои надвор од таа локација веќе се поставени споменици. Статуите на мостот и околу него се претсобје на археолошкиот музеј. Од таму почнува приказната на археолошкиот музеј за посетителите.

    Факт е дека Александар и Филип Македонски владееле на дел од територијата на денешна Република Македонија и факт е дека неговото кралство се нарекувало Македонија.

    Затоа е, на пример, Филип втори таму, не навлегувајќи во детали дали Демостен, најславниот говорник и државник во Стара Атина бил во право или не кога за Филип втори говорел дека ’не е ниту Хелен, ниту има нешто со Хелените, не е ниту варварин, туку е од чумата македонска од која човек ни роб не би купил‘.

    Ниту пак затоа што на статуата на Демостен подигната во Атина пишува: ’Да беше твојата сила, Демостене, еднаква на твојата мудра цел, никогаш Грците не ќе беа управувани од македонскиот јарец‘.

    Концептот на проектот кој противниците го нарекоа ’антиквизација‘ е наднационален. Поврзан е и со територијата и цивилизациите кои владееле на таа територија, кои цивилизации се дел од нашето и се разбира во голем дел од случаите не само наше наследство.

    Поврзан е и со просветителството и христијанството, преку спомениците и статуите на Св. Кирил и Методиј и Св. Климент и Наум, Св. Никола, Св. Петар и Павле, пресвета Богородица, Св. Лидија (од Македонија), католичката светица и добитник на Нобеловата награда за мир Мајка Тереза итн.

    Секако проектот е поврзан и со националните херои од 19 и 20 век, понатаму со најпознатите уметници од Македонија на мостот на уметноста итн.

    Зебрњак и барањето на Бугарите за споменици во Македонија

    Во врска со Зебрњак, но со барањата за поставување бугарски споменици во Македонија, Груевски објаснува:

    „Околу Зебрњак … Тоа е спомен обележје значајно за Србите во Македонија и за соседна Србија. Ако во денешно време не почитуваат, треба да ги почитуваме и ние“.

    Јас не сум бил на прослави на Зебрњак. По службена должност таму беше министерката за култура, кога се отвори и кога имаше висока политичка делегација од Србија. Како што и нивни високи претставници доаѓаат денес во манастирот ’Прохор Пчински‘ на одбележувањето на Илинден и АСНОМ.

    Не бевме против да дозволиме и такви обележја на соседна Бугарија. Но, тие бараа обнова на гробишта на 400 локации во Македонија, плус неколку споменици на места каде загинале нивни херои.

    Им кажавме дека тоа е претерување, ги замоливме да си одберат неколку најважни гробишта и еден до два спомен обележја на нивни паднати херои и нема да има никаков проблем од наша страна, но не се задоволија со тоа.

    Тоа е добрососедство а не тоа што тие го бараа. Нека одат и нека побараат во Грција, во егејскиот дел на Македонија, 400 гробишта, па ќе видат како ќе им биде одговорено …“

    Груевски: Ако сум бил автократ, зошто Георгиевски направи коалиција со мене во 2016 година?

    Никола Груевски ја коментира и тезата на Георгиевски дека тој (Груевски) водел авторитарна власт:

    „Ако навистина било така, тогаш се прашувам зошто Георгиевски се договори со мене за влегување во коалиција со ВМРО-ДПМНЕ пред изборите во 2016 година, со договорен план за нејзино припојување подоцна кон ВМРО-ДПМНЕ, со негово дистанцирање? Па потоа заедно со Ламбе Арнаудов дојде да ми каже дека за коалицијата за која бараа и добија еден пратеник на добитничката позиција го надгласале во извршниот комитет на раководството на ВМРО-НП, и дека ќе се обиде да направи пресврт на ЦК. За потоа да дојде и уште еднаш сам со едни други образложенија и причини, кои засега ќе се воздржам да ги објавувам.

    Не беше тоа авторитарна, туку успешна, исполнителна, одговорна и ефективна власт каква што за жал денес Македонија само може да сонува“.

    ПС. Мало појаснување од уредникот на Плусинфо Бранко Героски, во врска со спомнувањето на весникот „Дневник“ во оваа полемика:

    Да, точно е тврдењето дека „Дневник“ во 2003 година доби инсајдерска информација од врвот на ВМРО-ДПМНЕ дека Љубчо Георгиевски ќе го предложи и ќе го поддржи Никола Груевски за лидер на партијата. И точно е дека „Дневник“ ја лиферуваше таа информација. Подоцна, во екот на расколот меѓу Груевски и Георгиевски, како еден од тројцата основачи и главен уредник на весникот, ги поканив Никола Груевски и неговата соработничка Ганка Самоиловска Цветанова, со нивните тогашни партнери, на ручек на Матка. Во таа прилика на Груевски му кажав дека во судирот меѓу него и Георгиевски, „Дневник“ ќе се определи за Груевски, поради општата перцепција дека станува збор за десничар и технократ, кој спроведе битни реформи во економијата како министер во владата на Георгиевски (од кои најважна беше даночната реформа). Тој детал веројатно не е толку битен од аспект на експликацијата на внатрепартиските судири во ВМРО-ДПМНЕ во 2003 година, но и не е неважно тоа што во судирот со Георгиевски тогаш Груевски имаше отворен поддршка од тогаш политички највлијателниот македонски медиум, покрај А1 телевизија и неделникот „Фокус“.

    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img