Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху денеска оцени дека сојузниците на земјата имаат, како што наведува, кратко сеќавање во врска со нападот на Хамас на 7 октомври и дека Тел Авив ќе ја продолжи офанзивата на Појасот Газа и покрај меѓународниот притисок.
– Им велам на нашите пријатели во меѓународната заедница: дали вашето сеќавање е толку кратко? Толку брзо заборавивте на 7 октомври, најтешкиот масакр извршен врз Евреите од холокаустот? Дали толку брзо го ускратувате правото на Израел да се брани од чудовиштето Хамас? – рече Нетанјаху на почетокот на владиниот состанок.
Тој повтори дека Израел ќе продолжи со воените операции во Газа, вклучително и во градот Рафах, заедно со евакуацијата на цивилите од борбените зони, пренесува Ројтерс.