Рускиот лидер Владимир Путин би можел доживотно да остане претседател во Русија, а по претседателските избори земјата може да влезе во „замрзнат конфликт“ и „вечна војна“ со соседите, анализира британски „Гардијан“. „И изгледите за неговиот следен мандат, или дури два мандати до 2036 година, изгледаат јасни: вечна војна, сè помилитаризирано општество и економија во која доминираат државните и воените трошоци“, се вели во статијата.
– Јасно е дека оваа војна нема да заврши со победа на ниту една страна. Нема да заврши така. Ќе заврши како замрзнат конфликт. И тој замрзнат конфликт ќе продолжи 100 години – изјавил за „Гардијан“’ поранешен висок руски функционер.
Иако воените планери на Путин предвидуваа блицкриг што ќе го зафати Киев за неколку дена, дипломатите, инсајдерите, набљудувачите и активистите генерално веруваат дека Путин сега е подготвен за многу подолг конфликт кој би можел да трае со години, ако не и со децении.
– Се чини дека Путин е навлезен во ова. Тој нема да ја запре војната доколку не биде принуден – изјави висок западен дипломат во Москва.
Ниту про-Кремљ елитата не е сигурна во своите столчиња
Документите до кои дошол „Гардијан“ а кои прв ги објави естонскиот „Делфи“ сугерираат потрошени една милијарда евра. Според анализата, Путин во кампањата се фоксуирал на една порака – дека ќе формира нова „владејачка класа“ која ќе ја замени „старата, обесчестена елита“.
– Знаете дека зборот „елита“ изгуби многу од својот кредибилитет. Оние кои не направиле ништо за општеството и се сметаат за каста со посебни права и привилегии – особено оние кои ги искористија сите видови економски процеси во 1990-тите за да ги намазат своите џебови – дефинитивно не се елитата – изјави неодамна Путин промовирајќи ја програмата „Време на хероите“, со која сака да ги доведе ветераните од инвазијата на Украина во повисоките редови на владата.
Дури и високи членови на културната елита про-Кремљ, кои често се дружат со високи руски функционери и се среќаваат со Путин, сега чувствуваат дека нивните позиции повеќе не се сигурни.
Тоа е како СССР само без гладот и сиромаштијата
Русија издвојува околу 7,5% од својот БДП за воени трошоци, најголем удел од Студената војна, а големите владини трошоци значат дека фабриките што произведуваат оружје, муниција и воена опрема работат во две или три смени, а заварувачите работат прекувремено и можат да заработат исто толку како работници на белата јака.
Извор кој ги знае внатрешните прилики во руската одбранбената индустрија за „Гардијан“ предвидува дека нивоата на трошоци само ќе продолжат да се зголемуваат, нарекувајќи ја промената „нова постојана фаза“ која може да трае „многу години“.
На домашен фронт, рестораните во Москва и Санкт Петербург се сè уште полни, проектирајќи слика на нормалност, има „паралелен увоз“ – увоз на западни стоки преку трети земји – и други нови тактики за да се спречат Русите да почувствуваат губење на удобноста и луксузни стоки.
– Кремљ сака да го имитира Советскиот Сојуз, но без дефицит на храна и производи – вели добро информиран извор од московските медиумски кругови.
Младите нема ни да знаат за друг претседател во следните децении?
Една од целите на Путин на овие избори е „да им ја одземе способноста на повеќето Руси да замислат иднина без него“, напишаа Мајкл Кимаж и Марија Липман во „Форин аферс“.
Младите Руси, кои често се нарекуваат „генерација на Путин“, се соочуваат со уште една деценија под сè поавторитарното владеење на единствениот претседател што некогаш го познавале, смета Михаил Ходорковски, поранешен олигарх кој беше затворен за време на Путин, а сега е член на опозицијата во егзил.
– Јас сум песимист за долгорочните перспективи на Русија. Би ги советувал младите со добро образование да одат и да градат нова иднина во странство. Русија нема да остане без пари… Ќе биде само стагнантна, милитаристичка земја – изјавил тој за „Гардијан“.
Според Ходорскови „без очигледен воен пораз“ на Путин судирите меѓу елитата нема да предизвикаат „сериозни промени, барем додека Путин е жив“.
Ако Путин остане на власт доо 2036 година, тој тогаш ќе има 83 години.