Специјалниот пратеник на САД за Западен Балкан Габриел Ескобар денеска во Пеќ изјави дека ќе се обиде со косовската влада да најде итно решение за српската заедница на Косово, која страда поради укинувањето на употребата на динарот, пренесува Н1.
– Овде постои заедница која навистина страда. Има луѓе кои се соочуваат со реални проблеми поради немањето можност да земаат пензии. Затоа, навистина сакам да работам со владата на Косово со надеж дека ќе се обидам да најдам итно решение – изјави Ескобар за Радио Гораждевац по состанокот со претставниците на локалната српска заедница.
Ескобар пренесе порака и за српската заедница со која се сретна и на властите во Косово.
– Што се однесува до заедницата што живее овде, сакам да чувствуваат и знаат дека американската влада сака Србите да живеат на Косово во услови на безбедност, сигурност и достоинство. И ние ќе продолжиме да работиме на тоа. А што се однесува до Владата на Косово, тие имаат одговорност да го постигнат тоа и за тоа ќе бараме одговорност – рече Ескобар.
Според него, тој сакал да дојде да ги слушне од прва рака „приказните на луѓето за тоа како тие се погодени од одлуката на Централната банка на Косово (ЦБК).
Ескобар подоцна во Приштина се сретна со косовоскиот премиер Албин Курти.
– Мора да се признае дека нашите односи сега имаат одредени предизвици, а овие предизвици се должат на третманот на српското малцинство во Косово. Тоа е итно хуманитарно прашање кое мора веднаш да се реши. Се надевам дека Владата се согласи да биде флексибилна во овие дискусии во дијалогот во вторник – изјави Ескобар.
Тој рече дека имал добар разговор со Курти за прашањето на динарот и дека премиерот ја зел предвид американската загриженост за ефектот од забраната на српската валута кај локалните Срби и ветил дека ќе разгледа некои од предлозите кои му ги изнел на состанокот.
Запрашан за критиките за наводно неурамнотежениот пристап на САД кон Косово, Ескобар рече дека сé што направиле САД во последната година било „за Косово“.
– Веднаш по Охрид (во март минатата година) ја поддржавме вашата кандидатура за Советот на Европа, ги поддржавме вашите демократски процеси, вклучително и изборите на север. Останавме со вас по 24 септември, донесовме одлука да ви испорачаме (ракети) „џевелин“, кажете ми како е ова неурамнотежено? Сè што направивме беше за Косово и ќе продолжиме да го правиме тоа. Во меѓувреме, се надеваме дека Косово ќе ги слушне нашите грижи. Не треба да биде тешко, бидејќи тие (Србите) се државјани на Косово – рече Ескобар.