More

    Утре (14 март) ниту едно дете кое го нема заокружено процесот на вакцинација и ревакцинација со вакцината којашто ја има компонентата против голема или „магарешка кашлица“ нема да биде примено во градинка

    spot_img

    Утре (14 март) ниту едно дете кое го нема заокружено процесот на вакцинација и ревакцинација со вакцината којашто ја има компонентата против голема или „магарешка кашлица“ нема да биде примено во градинка. Но, проблемот е во тоа што здравствените власти сѐ уште немаат дефинирано кое дете е комплетно имунизирано.

    – Примоимунизацијата се однесува на првите 3 вакцини кои се примаат 2, 4 и 6 месеци. Потоа се предвидени ревакцини на 18 месеци и на 7 години. Се разви полемика дали дете кое има 22 месеци, а не ја примило ревакцината на 18 месеци е имунизирано или не. Бидејќи сите различно го толкуваат ова утре Комисијата за заразни болести ќе има состанок по кој точно ќе се дефинира кое дете е имунизирано комплено или е нецелосно имунизирано – ни изјави доктор Александар Петличковски во пресрет на утрешниот состанок на Комисијата за заразни болести.

    Оваа реакција следува како одговор на зголемениот број на заболени деца со голема кашлица по препорака на Комисијата за заразни болести, а со одлука ја спроведе Министерството за здравство.

    „Се забранува прием и престој во детски градинки на територија на Македонија на невакцинирани или некомплетно вакцинирани деца со Ди-Те-Пер вакцина согласно возраста и календарот за имунизација“, се вели во дописот што градинките го добија вчера попладне.

    Плусинфо посети неколку градинки во Скопје каде што ни беше речено дека вчера попладне ја добиле одлуката, па затоа таа ќе важи од четврток.

    – Веќе од четврток нема да им биде дозволен влез на дечињата кои доаѓаат во нашата градинка, а се невакцинирани или делумно вакцинирани. Државниот санитарен и здравствен инспекторат вчера изврши контрола во нашата градинка и ни беше посочено дека при следната контрола ќе следат санкции доколку биде примено дете кое е невакцинирано или некомплетно вакцинирано – ни рекоа во еден од клоновите на градинката „Буба Мара“ во Аеродром.

    Портпаролот на Комисијата за заразни болести Д-р Злате Мехмедовиќ апелира родителите да ги вакцинираат своите деца со Ди-Те-Пер вакцина за да ги заштитат од магарешката кашлица.

    – Секаде во светот, па и кај нас, е многу важна вакцинацијата за спречување на многу болести за кои во минатото немало лек. Во случајот со пертусис според вакциналниот календар децата треба да се вакцинираат на 2, 4, 6 и ревакцина на 18 месеци и втора ревакцина на 7 години, па со тоа во раната фаза на нивното детство да се изврши имунизацијата. Според сите истражувања децата до две години се најранливи, бидејќи сè уште го немаат целосно развиено имунитетот, па поради тоа мораме да ги заштитиме. Многупати упатувавме апели до родителите, еве и сега, порачуваме да не го пропуштаат вакциналниот календар, бидејќи тоа ќе биде добро за нивните деца – изјави д-р Мехмедовиќ за Плусинфо.

    Редици од родители со дечиња можевме да забележиме во поликлиниката „Јане Сандански“ во Скопје. Вработените ни изјавија дека ваква е сликата откако Комисијата за заразни болести препорача на 8 февруари да се прогласи епидемија на голема кашлица во Скопје и невакцинираните деца да не се примаат во градинка.

    Оттаму додаваат дека во текот на денот имаат и до стотина дечиња на различни возрасти кои треба да примат некоја од вакцините според вакциналниот календар, па поради тоа мораат да работат и во две смени.

    Спец. д-р Даниела Марковска од вакциналниот пункт „Јане Сандански“ ни објасни зошто е важно родителите да го почитуваат вакциналниот календар и поради кои причини родителите досега доцнат со вакцинирањето на децата.

    – Ние ги почитуваме одлуките кои ги носи министерството за здравство, па поради тоа и ги следиме препораките. Во случајот со Ди-Те-Пер вакцината целосно вакцинирано дете се смета она кое до 18 месеци ги има примено сите вакцини. За нецелосно вакцинирани деца се сметаат оние кои имаат две, три примени дози – вели д-р Марковска.

    Таа ни објасни дека првата вакцина против голема кашлица ја примаат деца на возраст од 2 месеци, потоа се одвива на четиримесечна возраст, па на шестмесечна возраст. Тоа е примоимунизација, односно првите три дози се даваат во растојание не пократко од еден месец, односно 4 до 6 недели треба да има растојание. Додека, пак, петовалентната вакцина која се прима на 18 месеци, не може да се аплицира во пократок период од 6 месеци, а со примањето на истата детето ќе биде имунизирано до претшколска возраст.

    – Вакциналниот календар се наруши со почетокот на ковид-пандемијата, кога родителите одлучија да не ги носат децата да ги примат вакцините за имунизација, иако ние работевме и во тој период. Во зимските месеци исто така се одложуваше вакцинацијата поради тоа што имаме многу деца коишто се болни и кои отсуствуваа од градинките. И сега доаѓаат, гледаат дека имаат пропуштено вакцина односно најголем проблем имаме со ревакцинацијата. Имаме и училишни деца кои доаѓаат во пунктот и тие од 2020, иако пропуштиле една вакцина во прво, во второ одделение сега ги носат за да си ги надоместат вакцините – нè информираше д-р Марковска.

    Таа додава дека преку медиумите апелирале до родителите да ги донесат децата на редовна вакцинација, но тие на своја рака одлучувале да не го почитуваат апелот.

    – Од родителите дознаваме дека не сакале да го донесат детето на вакцинација, затоа што чекале да прозбори, да прооди, а некои едноставно заборавале или за вакцините се едуцирале на социјалните мрежи. Сега имаме случаи деца на 2 години почуваат со прва вакцина. Имаме поразителен факт што деца на шест години доаѓаат со една примена вакцина, кое веќе тргнало во училиште, ја примило само за да се запише – додава докторката.

    Марковска порачува дека мора повеќе да се делува на здравственото образование на родителите, редовно и навремено да си ги носат децата на вакцинација.

    – Вакцина пред време не може да се прими. Вакциналниот календар е тој што е во сила во моментов и мора да се почитува. Ние имаме насоки од Институтот за јавно здравје за постапување во моментов со пертусис вакцината и мораме да го запазиме тој рок што е меѓу третата и четвртата вакцина – ни рече докторката.

    Таа на крај додаде со вакцинацијата се ублажува клиничката слика на вакцино-превентабилни болести, истакнувајќи дека што повеќе заболени деца имаме, толку повеќе компликации, толку повеќе ширење, толку повеќе отсуства на родителите од работа.

    – Ние постојано сме во некоја епидемија, зошто? Тотално непотребно. Треба да се запазува вакциналниот календар. Доколку некое дете е настинато, треба по 7-10 дена повторно да биде донесено за вакцинирање, а не тоа воопшто со години да не се појави во вакциналните пунктови. Испраќаме до родителите покани, ги контактираме телефонски, ние го работиме тоа, но едноставно не доаѓаат. Мора да разберат родителите дека со избегнувањето на вакцините им го загрозуваат здравјето на сопствените деца – заврши Марковска.

    Во разговор со некои од родителите кои ги затекнавме во поликлиниката „Јане Сандански“, ни кажаа дека се дојдени поради тоа што во градинките има ги бараат вакциналните картони, бидејќи од утре децата нема да им бидат примени.

    – Ни побараа од градинка потврда дека синот е комплетно вакциниран со Ди-Те-Пер. Моравме неколкупати да одложуваме, бидејќи се разболуваше често. Сакам сега да проверам и да се информирам дали некоја вакцина ни недостасува – ни изјави еден од родителите.

    Препораката да не се примаат невакцинирани деца од голема кашлица во градинките е она што ги мотивирало родителите да побрзаат да ја стават вакцината

    – Ќеркичката редовно сите вакцини ги прими, сè додека не тргна во градинка. Кога на 18 месеци требаше да ја прими ревакцината Ди-Те-Пер, но откако оди во градинка не може да спои две недели да е здрав, без да закачи некоја бактерија. Во контактите со другите родители во градинка тоа е и најголем проблем на повеќето што не успеале да ги вакцинираат навреме, нема кој да им ги чува децата за да бидат здрави и да може да ја примат вакцината – ни рече друг родител.

    Инаку вонредните инспекциски надзори на Државниот санитарен и здравствен инспекторат покажаа дека речиси 50% од децата во градинките во Скопје се невакцинирани или делумно вакцинирани против голема кашлица покажаа.

    – Лично сметам дека е поразителен факт за ова општество. Во текот на вчерашниот ден исто така ни ги доставија одговорните лица во градинките и списоците со невакцинирани деца и од таму ни се извлечени и бројките. Сметам дека оваа акција треба да продолжи, продолжена е и во текот на денешниот ден и наредните денови. Секако директорите на детските градинки ни дадоа уверување дека ќе ја почитуваат мерката, ние ќе проверуваме и денес и сите денови понатаму – изјави Рената Младеновска, директорка на ДСЗИ.

    Директорката кажа дека проблемот е во Скопје, додека во другите градови во внатрешноста ефикасноста од вакцинацијата е некаде и на 95 проценти.

    – Нема мерка од нас или од кого било издадено дека дете треба да седи дома 21 ден по вакцина. Во текот на вчерашниот ден, направивме вонредни инспекциски надзори и во другите градови. Од првичните информации вакцинирани се над 95 проценти од децата. Таму родителите се одговорни и ја почитуваат мерката. Очигледно дека проблемот ни е во градот Скопје – нагласи Младеновска.

    Уште на 9 февруари Центарот за јавно здравје Скопје прогласи епидемија, а претходно Комисијата за заразни болести препорача во градинките да не се примаат невакцинирани деца со Ди-Те-Пер вакцината.

    Големата кашлица е предизвикана од бактеријата „бордатела пертусис“ и е многу заразна респираторна болест позната по силните напади на кашлање. По овие напади, болните често мора да земат длабок здив. Инфекцијата се шири низ респираторниот тракт кога заразеното лице кашла или кива. Луѓето во близина можат да ги вдишат овие капки и да се заразат. Големата кашлица ги погодува сите возрасти, но кај возрасните обично е поблага и се опишува како 100-дневна кашлица што може да се лекува. Но, кај децата тоа може да доведе до компликации како воспаление на белите дробови, отежнато дишење и напади.

    На 15 март се очекува да пристигнат првите вакцини против голема кашлица за возрасни во земјава. Тие ќе бидат наменети само за возрасните што живеат во семејства со деца под 2 години, вработените кои работат со деца под 2 години, како и жените бремени во третиот семестар од бременоста.

    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img