Руските партизани кои вчера ја нападнаа Русија најавија дека ќе „маршираат кон Москва“. Алексеј Барановски, волонтер на Руската легија на слободата, изјави дека вчерашната операција веќе довела до заземање на руско село во близина на украинската граница.
– Можам да потврдам дека е започната специјална ослободителна операција, при што здружените сили на украинските руски доброволни единици заедно ја минуваат границата – рече Барановски.
Прекуграничните напади не се ништо ново во војната. Руските бунтовници спроведоа неколку такви операции во 2023 година, принудувајќи евакуација на илјадници жители во пограничните области и предизвикувајќи повеќенеделна битка со руските сили пред да се повлечат назад во Украина. Оваа недела руски доброволни единици го зазедоа селото Теткино во областа Курск, тврдат тие.
– Силите на рускиот претседател Владимир Путин не ги очекуваа овие упади во два одделни региони во исто време, па да видиме како ќе се одвива оваа ситуација. Крајната цел е ослободување на Русија од Путин. Можеби сега нема да можеме да го направиме тоа , но тоа е нашата сеопфатна мисија. Иако не можам да го обелоденам бројот на учесници, ќе кажам дека имаме повеќе од доволно луѓе за да ги постигнеме највисоките воени цели – рече Барановски.