Откако во четвртокот на 7 март околу 10:20 часот на шеталиштето покрај Рајна кај Хокенхајм во Германија беше пронајдено женско тело, беше утврден идентитетот на жената, пренесува Fenix-magazin.de.
Станува збор за 27-годишна Украинка која пред пет недели родила девојче. Полицијата во соопштение наведува дека на телото на жената се видливи траги на насилство, па се претпоставува дека е убиена.
Младата жена, нејзината мајка Марина Стеценко (51) и девојчето биле сместени во бегалски центар во областа Рајн Некар. Тие, наводно, го напуштиле центарот во понеделникот, од кога се сметаат за исчезнати.
Инспекторите не знаат каде се Марина Стеценко и нејзината внука, ниту што точно се случило. Марина Стеценко се смета за главен сведок.
Полицијата ги замолува Марина Стеценко и секој кој има некоја корисна информација да се обрати на полицискиот број 0621/174-4444 или која било друга полициска станица, пренесува Fenix-magazin.de.