Претседателот Стево Пендаровски е актуелен претседател на државата и за него важат посебни прописи за заштита на личноста односно постојано физичко обезбедување вклучително и користење на посебни службени возила со кои се обезбедува физичка заштита, одговори со соопштение Кабинетот на претседателот на дилемата дали е злоупотреба на државни ресурси тоа што Пендаровски со службено возило вчера го посети штабот на СДСМ во Штип.
„Посебните правила се уредени во Уредбата за личностите и објектите што се обезбедуваат, видовите на мерки и активности и степените на обезбедување, донесена од Владата, согласно со Законот за полиција, уште во 2014 година. Овие правила важат за целото време на извршување на функцијата. Нагласуваме дека согласно со член 8-б, став 1 од Изборниот законик, овие правила за Претседателот важат и за време на изборната кампања. Потсетуваме дека Претседателот на државата не е член на ниту една партија и е подготвен да има средба со секоја политичка партија доколку има такво барање или покана, како што практикува од стапувањето на должноста во 2019 година” – се вели во одговорот од Кабинетото на претседателот.