Во неделата се чинеше дека се е во ред, а само три дена подоцна продолжи агонијата на Рафаел Надал. Шпанецот вечерва сфати дека се уште не е подготвен за толку тежок турнир како Индијан Велс и се повлече.
„Со голема тага морам да се повлечам од овој фантастичен турнир“, напиша Надал на социјалните мрежи.
„Сите знаат колку го сакам ова место и колку сакам да се натпреварувам овде во Индијан Велс. Затоа дојдов во пустината толку рано да тренирам и да се обидам да бидам подготвен. Тренирав напорно и сите знаете дека направив проба минатиот викенд, но не се чувствувам подготвен да играм на моето максимално ниво на ваков важен настан“.
Надал во неделата учествуваше на егзибиција во Лас Вегас каде по квалитетна игра беше поразен од Карлос Алкарас во супер тај-брејк кој се играше наместо третиот сет. Тој спаси дури пет сет топки. Изгледаше дека е подготвен да се врати на теренот, но само три дена подоцна дозна дека не е.
„Ова не е лесна одлука. Напротив, многу е тешко, но не можам да се лажам себеси или илјадниците фанови“, додаде тој.
Местото на Надал во главната ждрепка го зазеде Индиецот Самит Нагал, а прв противник е Милош Раониќ.
Рафа не откри понатамошни планови, но може да се претпостави дека ќе се подготвува за сезоната на земјени терени која започнува во април. Мастерсот во Мајами кој се игра по Индијан Велс и онака не му беше во плановите.
Тој годинава одигра само еден турнир и тоа во Бризбејн каде по две убедливи победи во четвртфиналето беше поразен од Австралиецот Џордан Томпсон по тричасовен маратон. Потоа го откажа учеството на Австралија опен, а три недели подоцна и од турнирот во Доха.
Пред да пристигне во Бризбејн, Надал немаше играно 11 месеци, од минатогодишниот Грен слем во Мелбурн. Следната станица веројатно би требало да биде Мастерсот во Монте Карло кој започнува на 7 април.