Претседателот Стево Пендаровски денеска го потпиша Указот за прогласување на Законот за изменување и дополнување на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги.
Како што информира Кабинетот на претседателот Пендаровски, во Законот јасно е дефинирано што претставува државна кампања од јавен интерес, на државно или на локално ниво. Измените на Законот го лимитираат буџетот, односно висината на средства кои од државниот буџет ќе можат да се потрошат за кампањи на државно или на локално ниво.
„Законот предвидува постапка, во која централна улога има комисија која е составена од претставници на политичките партии и од власта и од опозицијата, на паритетна основа. Во Законот се прецизирани критериумите според кои можат да конкурираат радиодифузерите, а јасно е дефинирана и постапката за избор на радиодифузери на кои ќе се прикажуваат кампањи на државно или на локално ниво. Тоа значи дека, за разлика од порано кога Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ своеволно одлучуваше кому колку пари ќе даде, сега е прецизно регулирано како медиумите и колку средства ќе добиваат за кампањи на државно или на локално ниво“, се вели во соопштението.
Од Кабинетот на Пендаровски посочуваат дека Законот за изменување и дополнување на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги во Собранието беше донесен без поднесени амандмани од опозицијата, што значи дека опозицијата нема забелешки за неговата содржина.
И во поголемиот број на земји-членки на Европската Унија постои регулатива со која се овозможува кампањи од јавен интерес во медиумите, посочуваат од Кабинетот.
Пендаровски изминатите денови остварил комуникација со сите засегнати страни, односно со тие што биле и „за“ и „против“ Законот. Во оваа насока, како што се наведува во соопштението, претседателот Пендаровски очекува дека во најскоро време ќе продолжи дијалогот меѓу релевантните институции и Здружението за заштита и унапредување на интернет медиумите со цел унапредување на положбата на онлајн медиумите во медиумската сфера, имајќи предвид дека во порталите работат голем дел од новинарите.