Пензиониранот полковник на американската армија во Небраска Дејвид Френклин Слејтер (63) е обвинет за заговор и за испраќање доверливи информации на националната одбрана преку страница за запознавање, а денеска ќе се појави пред суд, јавува Би-Би-Си.
Слејтер е уапсен во саботата, а до 2022 година бил вработен во Стратешката команда „Стратком“ која го надгледува американскиот нуклеарен ракетен арсенал. Тој пренел информации што ги дознал од доверливите брифинзи поврзани со руската воена операција во Украина. Ги испраќал информациите до лице за кое верувал дека е жена од Украина.
Би-Би-Си пренесува дека една од пораките, испратена на 11 март, гласела: „Драги, што се прикажува на екраните во одвоената соба? Многу интересно“.
На 23 март му било поставено прашање за некоја земја на Слејтер, но тој дел во обвинението е затемнет, па не е јасно за која земја станува збор.
„Драг мој Дејв, фала за вредните информации. Ти си мојот таен доушник, љубов“, му рекол контактот.
Во документите не пишува со кого контактирал Слејтер, ниту, пак, го пишува името на страницата за запознавање.