Државниот обвинител Љупчо Коцевски вели дека во обвинителската кариера истражувал многу злосторства, но како убиството на Вања Ѓорчевска немал видено. Тој изрази надеж дека осомничениот за убиствата на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски, Љупчо Палевски Палчо ќе биде брзо екстрадиран од Турција.
– Во моето долгогодишно искуство, може да кажам дека сум имал 50 – 60 вакви случаи, за жал, меѓутоа тука се работи за специфично грозоморно убиство. Со истрагата се опфатени пет лица кои се осомничени. Обезбедени се доказите, имаше и обдукција, сето тоа оди во корист на фактичката состојба што Обвинителството ја утврдува, чекаме екстрадиција во однос на лицето што го спомнавте, Палчо, и јас мислам дека ќе биде брзо екстрадиран од Република Турција. Нашата работа е завршена, останува само екстрадицијата – рече Коцевски во вечерашата емисија Топ Тема на телевизија Телма.
Во однос на документацијата на поранешното Специјално јавно обвинителство (СЈО) и објектот каде што беше сместено, Коцевски рече дека ставил потпис за раскинување на договорот за закуп на зградата. Просторот изминатиов период го користеле само двајца обвинители кои беа дел од СЈО. Тој додаде дека сите материјали за случаите кои ги работело СЈО се префрлени во Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција. Префрлени се и материјалите од прислушуваните разговори кои беа поводот за формирањето на тогашното СЈО.
За случајот со „Онкологија“, обвинителот Коцевски посочи дека случајот е сложен и дека се уште е на почеток.
– Се работи за сложен предмет, истрагата е се уште на самиот почеток. Најново е она што по наредба на јавен обвинител, Фондот за здравствено осигурување да изврши нов надзор на клиниката, и моментално извештајот се анализира во Обвинителството, истакна тој.