Во разговор со новинарите утрово, портпаролот на Кремљ Дмитриј Песков беше прашан за Алексеј Навални, чиј погреб се одвива во моментов, а кој почина во руски затвор на 16 февруари.
– Кремљ нема што да му каже на семејството на Навални на денот на неговиот погреб – рече тој.
Тој одби да даде каква било оценка за Навални како политичка фигура.
Песков, исто така, повтори дека со секој неодобрен собир се прекршува законот.
– Според тоа, оние што ќе учествуваат во нив ќе одговараат – вели тој.
Илјадници демонстранти излегоа на улиците во Москва за да го видат спроведувањето на ковчегот на Навални од црквата Божја Мајка до гробиштата „Борисов“. Луѓето скандираат „Путин убиец“. Се скандираше и „Алексеј“, „Навални“…
Откако ковчегот се придвижи кон гробиштата, толпата повторно почна да извикува „убијци“, но и „Русија ќе биде слободна!“ и „нема војна“.
Погребот во црквата сега заврши, а ковчегот на Навални сега е на пат кон гробиштата, објави на социјалните мрежи неговиот сојузник Иван Жданов. Тој ги охрабри луѓето да пешачат до гробиштата, кои се оддалечени околу половина час пешачење.
Има силно полициско присуство околу црквата во југоисточниот дел на Москва, каде што се одржува погребот на Алексеј Навални. Уште повеќе полицајци се редат на патеката до блиските гробишта каде што ќе биде погребан.