Американскиот новинар Такер Карлсон го критикуваше оправдувањето на Путин за инвазијата на Украина, велејќи дека „денацификацијата“ на земјата е „една од најглупавите работи што некогаш ги слушнал“. Зборувајќи со водителот Лекс Фридман на подкаст објавен во вторникот, Карлсон го коментираше неговото контроверзно интервју со рускиот претседател.
Поранешната ѕвезда на Фокс њуз се соочи со бурни реакции за неговата средба со лидерот на Кремљ, откако Путин прв пат се согласи на интервју со западен новинар од почетокот на војната во Украина. Во интервјуто беа отворени повеќе теми, од лекции по руска историја до размислувањата на Путин за следните претседателски избори во САД.
Карлсон рече дека неговиот прв впечаток е дека Путин „изгледал нервозен“ и дека „влегол во интервјуто како преподготвен студент“ кога Фридман го прашал што мисли за оправдувањето на Путин за продолжување на војна во Украина, пишува Њусвик.
Во интервјуто со Карлсон, рускиот лидер во континуитет тврди дека целта е „денацификација“ на Украина. Украинскиот претседател Володимир Зеленски, кој е Евреин, постојано ги отфрла тврдењата на Кремљ дека владата во Киев е отворено „пронацистичка“.
– Мислев дека тоа е една од најглупавите работи што некогаш сум ги слушнал. Не разбрав што значи. Го мразам целиот тој разговор бидејќи не е реален. Тоа беше само ad hominem. Тоа беше начин да се поврзе некој со злобниот режим кој повеќе не постои – објасни Карлсон.
Според Карлсон, нацизмот повеќе не постои бидејќи е „неразделен од германската нација“.
– Јас сум многу антинацист. Само велам дека во 2024 година нема нацистичко движење. Тоа е начин луѓето да изгледаат злобни – рече Карлсон.
Разговорот со Карлсон пред извесно време го коментираше и Путин велејќи му на рускиот новинар Павел Александрович Зарубин дека се подготвил за „поагресивно однесување и поставувањето таканаречени остри прашања од страна на Карлсон“.
– Не само што бев подготвен за ова, туку и го сакав, бидејќи тоа ќе ми дадеше можност да одговорам на ист начин – рече рускиот лидер.
Инаку, Путин за време на интервјуто го исмејуваше Карлсон, шегувајќи се со фактот дека неговите обиди да се вработи во ЦИА постојано биле неуспешни.
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, претходно им изјави на новинарите дека Путин го дал интервјуто со Карлсон затоа што тој „има став кој се разликува“ од другите западни медиуми.