„Прво проучи ги црковните теми, па пишувај текстови“. Ова му го порачаа членовите на Синодот на МПЦ-ОА, кои денеска одржаа редовна седница на којашто беа разгледани повеќе прашања и настани поврзани со актуелниот црковен живот, се вели во црковното соопштение.
Главната тема на синодската седница беше формирањето на Комисија која ќе го проучува статусот на Православната црква во Украина којашто доби автокефалност од Вселенската патријаршија.
„Синодот посвети сериозно внимание на проучување на украинското црковно прашање и формира Комисија која ќе го проучи статусот на Православната Црква во Украина која што доби автокефалност од Вселенската Патријаршија. Претседател на Комисијата е Митрополитот Брегалнички г. Иларион, а потпретседател е Епископот Дељадровско-илинденски г. Јоаким. Истата Комисија има за цел да го проучи и проблемот со именувањето на нашата Света Црква со елинофонските Цркви. Светиот Синод на МПЦ-ОА разгледувајќи ги написите од г. Маријан Николовски на порталот Религија.мк, го советува, при објавувањето на црковните теми, да ги проучи соодветно за да не предизвикува погрешни информации во јавноста“, наведено е во соопштението.
ФОТО: МИА