Неодамна починатиот Алексеј Навални, во едно од неговите досега необјавени интервјуа, нападна корумпирани функционери кои живеат во Лондон кои, како што посочува во интервјуто, му помагаат на режимот на Владимир Путин „да ги скрие валканите пари“.
Скај њуз дојде до тоа досега необјавено интервју со Навални од февруари 2020 година. Покрај нападите врз политичарите и влијателните луѓе од Западот, покојниот руски опозициски лидер зборува и за надежта за подобра иднина на Русија, како и за ризиците што знаел дека ги презема.
Низ тоа што го зборува и како размислуваше, можеше да се види дека верува во европската иднина на Русија, поради што не бира зборовите за оние кои во истата таа Европа го помагаат режимот на Путин
– Русија е европска земја, сите луѓе што живеат тука сакаат да живеат како Европа. Но, Западот навистина не прави ништо, би рекол. Танцуваат некои „ритуални танци“ за да остават впечаток дека нешто се прави, но всушност ништо не се случува – вели Навални, мислејќи на влијателните Руси кои живеат во Лондон.
– Зошто тие корумпирани службеници сè уште живеат во Лондон? Затоа што хранат огромен број прекрасни лондонски адвокати. Тие луѓе ќе изгледаат многу цивилизирано, со задоволство ќе разговарате со нив ако седнат до вас, ќе носат вратоврска и ќе имаат добри манири, но во исто време им служат на интересите на целосни, апсолутни бандити – истакнува Навални.
Со зборови кои посилно одекнуваат по неговата смрт, тој изразува и надеж за подобро утре.
– Се надевам дека за 10 години, ако повторно ме интервјуирате, ќе можете да кажете како успеавме да ја надминеме корупцијата и перењето пари – вели рускиот опозиционер.
Интервјуто е снимено како дел од неемитуваната документарна серија „По падот“, во режија на Метју Торн и продуцирана од Ендрју Данкан. Исто така, тоа беше едно од последните што ги даде Навални пред да почнат неговите здравствени проблеми. Во август 2020 година, тој беше отруен додека се враќаше во Москва, а потоа сè водеше до тоа што се случи во затвор во арктичкиот регион во северна Русија. Човекот кој важеше за најгласниот критичар на претседателот на Русија, Владимир Путин, падна во несвест на 16 февруари и никогаш не се разбуди.
Телото на Навални и е вратено на мајка му, потврди пред два дена портпаролот на организацијата основана од Навални, а оваа информација дојде откако на мајката на Навални наводно и било кажано да се согласи на „тајно погребување“ бидејќи во спротивно тој ќе биде погребан во затворската колонија каде што починал.
Претходно, вдовицата на Навални, Јулија го обвини рускиот претседател Владимир Путин дека го држи телото на нејзиниот покоен сопруг „како заложник“.